Повеќето од балканските држави годинава ќе организираат и ќе спроведат избори. Независно од тоа дали станува збор за претседателски, парламентарни или за локални избори, интересен е фактот што во голем број од случаите тоа ќе бидат предвремени избори што, според аналитичарите, делумно е резултат и на важни геополитички процеси.

Политикологот Милан Стефаноски вели дека преку големиот број избори, кои треба да се случат годинава, а особено преку предвремените, може да се препознае дека во моментов регионот се наоѓа во исклучително битен процес, кој, според него, е предизвикан првенствено од геополитичките случувања што надвиснаа над државите, а секундарно од можноста за практична реализација на евроатлантските аспирации на државите.

– За мене во овој момент генерално е разбирливо зошто започна одмерувањето на политичките сили во земјите, кое се манифестира преку изборите – вели Стефаноски.
Политикологот, коментирајќи ја широката слика за регионот, вели дека единствен исклучок во приказната со изборите има Хрватска, а кај сите други земји кај кои ќе се случуваат изборите во наредните месеци тие се мотивирани од големи и силни превирања, кои во најголем дел се поврзани со патот на државите кон полноправно членство во ЕУ.

За потсетување, на 12 мај му завршува мандатот на македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, неодамна соопшти дека претседателските избори ќе ги распише на 8 февруари по што првиот круг ќе се одржи на 21 април, а вториот на 5 мај. Тој додаде дека заедно со претседателските избори ќе се одржат и локални избори во три општини каде што сега има в.д. градоначалници. Во меѓувреме, во државата сѐ уште владее политичка клима, која вели дека паралелно со редовните претседателски избори може да се случат и предвремени парламентарни избори.

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека дебата за можноста за одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателски е отворена, и в петок, според него, најверојатно ќе се одржи седница на централниот одбор на СДСМ, кој би можел да ја реши дилемата.

Претходно, лидерот на опозициското ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, побара одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Сличен став има и ДУИ, но за тоа, како што е најавено, уште ќе се разговара со коалициските партнери.

Според информациите пласирани во медиумите, доколку партиите успеат да се договорат, предвремените парламентарни избори би се одржале на 5 мај, за кога е планиран вториот круг од претседателските избори. Доколку се одржат, ова ќе бидат петти вонредни парламентарни избори во Македонија. Такви беа организирани во 2008, 2011, 2014 и 2016 година и на сите најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, оваа година е изборна и за соседна Грција, кај која во тек е парламентарната процедура за усвојување на договореното од Преспа. Според медиумите во Атина, мај е месецот кога во Грција ќе се одржат локалните и евроизборите, а во септември следната година ѝ завршува четиригодишниот мандат на грчката влада. Според најавите на грчките политичари, пак, во моментов во земјата постои реална опција во мај да се одржат и предвремени парламентарни избори.

Србија во првата половина на оваа година повторно би можела да има вонредни парламентарни избори, а на тоа укажуваат неофицијалните најави во медиумите, резултатите од истражувањата за рејтингот на политичките партии, најблиските соработници на српскиот претседател Александар Вучиќ, и конечно и на самиот Вучиќ. Од опозицијата, пак, стигнуваат пораки дека изборите треба да се бојкотираат, бидејќи не постојат фер и демократски услови. Испитувањето на пулсот на јавноста почна уште кон крајот на 2018 година со тврдењата на владејачката Српска напредна партија дека со критиките на политичката сцена се доведува во прашање легитимитетот на партијата и дека најдобро решение е тоа да се провери на избори. Дополнително, Вучиќ неделава изјави дека е најдобро да има избори, па дури потоа да се најде решение во меѓудржавниот спор со Приштина.

Во Албанија, пак, за 30 јуни се закажани локални избори. Најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, го условува учеството на локалните избори во јуни, со формирање т.н. преодна влада на чие чело нема да биде актуелниот премиер Еди Рама. Претходно на локалните избори во 2015 година, во Албанија победник беше Социјалистичката партија и коалицијата.

На 31 март треба да се одржат локални избори и во Турција.

Лани во земјата, на предвремените претседателски и парламентарни турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган победи во првиот круг од претседателските избори на кои освои нов петгодишен мандат, но овој пат со извршни овластувања. Тој прогласи и победа на Народниот сојуз, изборна коалиција на неговата Партија на правдата и развојот и малата Партија за национално движење на парламентарните избори, освојувајќи мнозинство во парламентот, во кој има 600 пратенички места.