Бугарија засега не ја користи подадената рака на Зоран Заев, смета Љубчо Георгиевски, додека Владо Бучковски истакна дека не е невозможно да се постигне договор со Бугарија до декември, за што како најсилен адут го смета пријателството помеѓу премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Ова го наведоа двајцата поранешни македонски премиери Георгиевски и Бучковски во разговорот за спорот помеѓу Македонија и Бугарија, во нивното синоќешно гостување на ТВ21.

– И во Бугарија има негативно чувство дека Македонија прави малку за тоа добрососедство. Но сепак, во последните две години, по доаѓањето на Заев, тој влезе радикално во пријателство со Бугарија, и дека тие не смеат да го испуштат тој момент. И сега тоа е парадокс, кога има влада која пружа рака, тие одбиваат – кажа Георгиевски.

Бучковски посочи дека тешко ќе се дојде до решение, но оти тоа не е невозможно.

– Иако е тешка позицијата, тешко ќе се дојде до решение, тоа не е невозможно, пред се поради блискоста на Заев и на Борисов. Едноставно веќе не е табу тема дека имаме заедничка историја со Бугарија – потенцираше Бучковски.

Љубчо Георгиевски додаде и дека бугарската комисија е подготвена да прифати оти Гоце Делчев е заеднички јунак. Меѓутоа смета дека комисијата во Бугарија не е модерна и не сакаат да ги прифатат модерните теории за нација и за држава.

– Мислам дека Комисијата од нивна страна не е најсреќно избрана, затоа што и таму има луѓе кои не сакаат да ги прифатат модерните теории за нација и држава. Сметам дека нашата историска комисија е многу попогресивна и помодерна по сите линии и тука може да има проблем – рече Георгиевски.

За Георгиевски, револуционерна е подготвеноста на премиерот Заев и претседателот Стево Пендаровски да кажат дека Гоце Делчев е заеднички јунак, кој  би бил шестата личност договорена да се чевствува заеднички од двете држави.

– И Заев и Пендаровски се подготвени да дадат изјава или декларација дека и Гоце Делчев е заеднички јунак. А, тоа, пак, каква револуција е… Ако Бугарија не сфаќа каква е промената на Македонија, или немаат информации, или едноставно немаат доволно чувство што се случува во Македонија – рече Георгиевски.

Тој смета дека Албанците максимално коректно се однесуваат кон ситуацијата со Бугарија, и дека министерот за надворешни Работи Османи коректно ја врши работата.

Георгиевски напомена уште еден парадокс на ветото на Бугарија.

– Кога кај нашиот источен сосед ќе мерат дали ќе стават вето, мислам дека досега превидоа една работа, ако мислат дека нивната кавга е против Македонците, како да заборавија дека во оваа Македонија има 50 отсто други националности, вклучувајќи и Бугари. И тоа ќе значи дека ветото е одземање на перспективата не само на Македонците, туку и на етничките заедници, и затоа треба да ја преиспитаат одлуката – смета Георгиевски.

Георгиевски истакна и дека е добро да се одржи лидерска средба, ако има конструктивност, но тој не гледа дека има.

– Ако има конструктивност, лидерска средба е добродојдена. Но ако прават лидерска средба за да докажат кој е попаметен, а кој патриот, тогаш нема потреба – заклучи поранешниот македонски премиер.