Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, во изјава за телевизија „Сител“ вечерва посочи дека денеска имало иницијатива за собирање на потписи за интерпелација на Владата.

„Ние како опозициска партија и коалиција нормално е дека се потпишавме на тоа, и денеска при крајот на денот, сите заедно, ние што ги претставуваме тие партии, седнавме и направивме една фотографија за да докажеме дека тие потписи се собрани. Сега за сега тоа е единствената вест, како ќе тече понатаму процесот, ќе видиме очекуваме да видиме како ќе реагираат и другите пратеници“, истакна Гаши.

На новинарско прашање околу тоа кој се е во новото мнозинство, Гаши вели дека ова е нов процес кој се одвива заради интерпелација на Владата.

„Ако се изгласа недоверба тогаш започнуваат други рокови, и тогаш почнува процесот кој ќе биде мандатар, каква Влада ќе се состави, а потоа ќе седнеме пак и ќе разговараме. Важно е да знаете дека Алтернатива нема да биде дел од Влада која би се повлекла од евроатлантските процеси и интеграции. Мора нашата држава да остане членка на НАТО, да се зацврстат нашите односи. Ако некоја партија тоа го условува, ние нема да бидеме дел од таа Влада“, додава Гаши.

Според него засега нема договор, односно се собрале за да докажат дека имаат 61 пратеник со што ќе покренат иницијатива за недоверба на Владата.