Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последните денови политичката јавност ја преокупира прашањето за гаранциите, кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги има дадено во писмена форма во 2017 година пред претседателот Иванов, како услов за добивање на мандатот за состав на Владата.
Што содржат тие гаранции, каква и колкава формалноправна тежина има тој акт, можно ли е или не повлекување на доделениот мандат доколку не се испочитувани гаранциите… Од кабинетот на претседателот на државата, за „Нова Македонија“, изјавуваат дека непотпишувањето на претседателот на државата на указите за Законот за јазиците и за спогодбата од Мала Преспа се темели и на дадените гаранции од Заев

Се подготвува ли терен за дополнително компликување на политичките околности во Македонија во моменти кога во Собранието се водат процесите за спроведување на договореното во спогодбата од Мала Преспа и се очекуваат владините амандмани за промена на Уставот. На евентуално ново заострување на релациите и на меѓусебната кохабитацијата помеѓу претседателот на државата и премиерот, наведуваат две случувања што се актуелни деновиве. Едното, кое се поврзува со почнувањето на предистражна постапка од страна на Основното јавно обвинителство по анонимни пријави и сето тоа поврзано со одбивање на претседателот Иванов да го потпише указот на Законот за јазиците, но и за спогодбата од Мала Преспа, по што истите тие немаат правна сила и не можат да се објават во „Службен весник“, и второто во врска со можноста токму претседателот Иванов да ги активира гаранциите дадени од премиерот Зоран Заев за време на добивањето на мандатот за формирање влада.
Дали и колку овие два процеса се меѓусебно поврзани или независни еден од друг или преку ваквите сигнали и постапки се сака да се испрати одредена политичка порака. Политичките аналитичари се претпазливи во оцените, особено по последните настани и пресврти што се случија на домашната политичка сцена, но не ја отфрлаат можноста состојбите дополнително да се компликуваат.

– Со внесувањето нов државотворен народ, македонските пратеници ќе бидат против и пак нема да има двотретинско мнозинство, а Иванов ќе ги активира гаранциите од Заев. Целиот процес или нема да помине поради федерализацијата или ќе биде крајно бавен. Името од страна на албанскиот блок ќе биде поврзано со федерализацијата и со тоа ќе се намалат шансите целата стратегија на СДСМ да се истурка докрај – објаснува професорот Игор Јанев, кој важи за добар познавач на спорот со Грција и иницијатор за негово решавање на друг начин и во рамките на ОН.
Во меѓувреме и професорката од Правниот факултет, Тања Каракамишева, преку објава во свој фејсбук-статус јавно го повика претседателот Иванов да го отповика мандатот на премиерот Заев.

– Отповикувањето на вашиот потпис како и отповикување на актот со кој го определивте Заев за мандатар ја прави ништовна неговата функција! Не дозволувајте му на Заев да игра играчки со државата и да ја гази дадената и потпишана пред вас гаранција! Што ќе ви се гаранции на хартија кога на дело се спроведуваат активности спротивно на интересите на Република Македонија и на македонскиот народ?

Државата де јуре и де факто е ставена во подредена положба на друга држава што едновремено е и кривично дело. Заев го крши Уставот злоупотребувајќи ги и вашиот потпис и вашата функција претседател на Република Македонија. Сега кога работите ескалираат, кога Заев дејствува и работи спротивно на дадените гаранции и спротивно на Уставот, а имајќи ја предвид Вашата заклетва, такво нешто не смеете да му дозволите. Вие во согласност со чл. 84, став 1, алинеја 1 од Уставот го определувате мандатарот за состав на влада на РМ. Како што во 2017 година го определивте за мандатар, така сега ќе го отповикате од функцијата со образложение дека Заев не го почитува Уставот и дека ги прекршил дадените гаранции, но и дека ја прекршил заклетвата дека ќе ги почитува Република Македонија и правниот поредок на земјата – пишува Каракамишева.

Политикологот Милан Стефаноски вели дека можните нови пречки засега се само во областа на хипотезата бидејќи тие не се активирани и од двете, очигледно спротивставени страни во домашните случувања, премиерот Зоран Заев и претседателот Ѓорге Иванов.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

„Нова Македонија“ побара објаснување и одговори и од кабинетот на претседателот на државата во однос на дадените гаранции пред него, правната сила на тие акти и секако идните политички потези, кои би можеле да се очекуваат.
Оттаму објаснија дека при врачувањето на мандатот за состав на Влада на Република Македонија во мај 2017 година, до претседателот на Република Македонија беше доставена писмена изјава од г. Зоран Заев со која се гарантираа заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија и се гарантираа заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија.

– Одлуката на претседателот на Република Македонија да не го потпише Законот за употреба на јазиците и одлуката да не го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот од Преспа се донесени со почитување на Уставот и законите на Република Македонија и врз основа на дадените гаранции од страна на г. Заев – стои во одговорот на кабинетот на претседателот.

Во контекст на овие актуелни случувања за забележување е и фактот дека од кабинетот на претседателот сѐ уште нема реакција и за отворањето на предистражната постапка, како и за побарувањата на документација од ОЈО.

Анонимните кривични пријави се засноваат на фактот дека претседателот Иванов и по двете собраниски гласања на кои се изгласани Законот за употреба на јазиците и спогодбата од Мала Преспа, ги нема потпишано указите за тие да стапат во сила и да имаат правно дејство, односно не можат да бидат објавени во „Службен весник“.


Што содржеа писмените гаранции при добивање на мандатот

На 17 мај 2017 година претседателот Ѓорге Иванов точно напладне му го врачи мандатот за состав на нова влада на Зоран Заев. Иванов тогаш изјави дека пречките за состав на Владата се отстранети и се пристапува кон исполнување на член од Уставот за определување на мандатар за состав на Владата. Заев тогаш изјави дека како што ветил и пред граѓаните, а и пред Иванов, тој испорачал писмо во форма на гаранција, кое е доставено до кабинетот на претседателот. Тогаш некои од македонските интернет-портали и медиуми ја пренесоа содржината на писмената гаранција на премиерот Зоран Заев составена во неколку точки:
1. Гарантираме заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија.
2. Гарантирам заштита на уставниот поредок и територијалната целина на Република Македонија.
3 Гарантирам заштита на државните интереси и унапредување на животот на сите граѓани без оглед на етничката, религиската и јазичната припадност.
4. Гарантираме дека процесот на носење одлуки за граѓаните ќе биде во согласност со основните демократски принципи и владеењето на правото, не доведувајќи ја Република Македонија во потчинетост или зависност од страна на друга држава.
На крајот од документот стои дека премиерот Заев, добивајќи го мандатот истакнува дека ниту еден документ, декларација, платформа, акт, кој ќе биде во спротивност на горенаведените ставови, нема да бидат услов и основа за дејствување на Владата на Република Македонија.