Претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Република Албанија, Илир Мета и претседателот на Република Косово, Хашим Тачи пристигнаа на инаугурацијата на петтиот по ред претседател на земјава, Стево Пендаровски.

На свеченоста која што се одржува во Собранието пристигнаа и други бројни високи гости од регионот и од земјава, како и претставници на верските заедници и дипломатскиот кор.

Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски ќе ја преземе функцијата, по свечената инаугурацијата во Собранието, по што официјално ќе започне неговиот петгодишен мандат.

Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно”, според најавата, во 13.45 часот ќе се одржи официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки воени и државни почести.

По свечената церемонија, предвидено е претседателот Ѓорге Иванов и претседателот Стево Пендаровски да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува и заедничка средба на двајцата претседатели со вработените во кабинетот на претседателот.

Пендаровски ќе оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, со претседателот на Република Косово, Хашим Тачи.

Предвидено е претседателот Пендаровски да оствари билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.

Пендаровски вчера во Државната изборна комисија (ДИК) го доби уверението за избран претседател, пред неговата утрешна инаугурација во Собранието.