Наш известувач од Белград,
Милко Живковиќ

Економската соработка, положбата на малцинствата и француската иницијатива за ЕУ беа главни теми на денешната средба помеѓу македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговиот српски колега Александар Вучиќ, беше истакнато на нивната заедничка прес-конференција одржана во Белград, во рамките на првата официјална посета на Пендаровски на Србија.

– Многу сум среќен што можевме да разговараме за клучните прашања во нашите билатерални односи. Белград и Скопје имаат многу добри односи, особено што е забележано зголемување на довербата, а тие ќе одат во уште подобра насока. Суштина претставуваат економските односи. Очекувам да дојдеме блиску до една милијарда евра во трговската размена, но сепак, постои простор за напредок. Ние немаме отворено прашање, освен признавањето на Косово. Само сакаме да градиме добри национални односи. Среќни сме што ги имаме Македонците во Србија и што заедно ги сакаме Србија и Северна Македонија. Убеден сум дека 36-те илјади Срби во Северна Македонија исто така ги сакаат двете држави. Предадовме писмо за изградба на српски културен центар во Скопје, а истото по реципроцитет ќе биде направено и во Белград. Горд сум на постигнатиот договор. Тоа е паметен избор, но и најдобар начин за опстанок на нашите огништа. Тука спаѓаат и охридската и новосадската иницијатива. Немаме никакви барања кон Македонија и кон Македонците, освен да соработуваме добро и да живееме убаво едни покрај други во идннина – кажа Вучиќ.

Посетата на Белград претставува уште една потврда за добрите односи помеѓу двете држави, но и за потенцирање на важноста од градењето на меѓусебниот дијалог, потенцираше македонскиот претседател.

– Денеска имам чест да престојувам во моја прва официјална посета на пријателска Србија. Имавме можност да разговараме за теми од зеднички интерес. Посетата е уште една потврда за добрите односи, но и за потенцирање на важноста за градење на меѓусебниот дијалог. Нашите земји ги споделува долга историја и традиција, а ја споделуваме и визијата за европска интеграција. Заклучивме дека односите се одлични и без спорни точки. Различните гледишта за дел од прашањата ќе продолжиме да ги дискутираме како пријатели. Разговаравме и за француската иницијатива за променетата методологија за членство во Унијата. Европската интеграција останува долгорочна определба на Северна Македонија. Упатуваме јасни пораки дека ЕУ не смее да заборави на Западен Балкан. Европската интеграција е најдобриот начин што ќе овозможи просперитет и економска соработка. Се осврнавме и на аспекти на дијалогот помеѓу Белград и Приштина. А посебен акцент ставивме на економската соработка. Констатиравме дека економските односи трета година по ред бележат нагорен тренд. Евидентна е потребата за зајакнување на економската размена и постои простор за подобрување на соработката. Мораме да ги насочиме нашите капацитети кон економијата и инфраструктурата, со цел нашите граѓани да живеат подобро – истакна Пендаровски.

Македонскиот претседател имаше тет-а-тет средба со Вучиќ, а делегациите на Македонија и на Србија одржаа пленарен состанок. Пендаровски ќе има средба и со српската премиерка Ана Брнабиќ, како и со претседателката на Собранието на Србија, Маја Гојковиќ. Во рамките на официјалната посета, Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија Марко Чадеж и со српски стопанственици.


Нема гаранција од Макрон за отворање на пристапните преговори

Претседателите на Македонија и на Србија се осврнаа и на променетата методологија за пристапување кон ЕУ.

– Новата медотологија е во иницијална фаза. Има почетен инпут од останатите земји-членки. Тоа ќе биде долг компликуван бирократски процес. Заложбата на Макрон е оваа методологија да се усвои во јануари 2020, а не подоцна од март 2020. Но тој не ми даде никаква гаранција за отворање на пристапните преговори. Се надевам дека брзо ќе ја усвојат. А таа децидно вели дека не се предвидува замена за членството за Западен Балкан со друга алтернатива, односно алтернативно членство – порача Пендаровски.

Вучиќ, пак, смета дека Брисел не е сигурен што сака од Западен Балкан.

– Сите чекаме да станеме членки на ЕУ, но не сум сигурен дека тие во Брисел знаат точно што сакаат со нас. А кој ќе ви каже поинаку, ве лаже – категоричен е српскиот претседател.


Мини-шенген не е реставрација на Југославија, ниту алтернатива за ЕУ

Не постои меѓународен фактор што не ја поддржува иницијативата за мини-шенген. Не станува збор за реставрација на четврта Југославија, ниту за алтернатива на ЕУ, туку за иницијатива за соработка која треба да го подобри животот на луѓето во регионот, посочи Пендаровски, зборувајќи за иницијативата за формирање на мини шенген.