Изнаоѓање заемно прифатено решение за името, заведено во Уставот и за севкупна употреба, е во интерес и на Грција, смета претседателот на грчкиот Парламент Никос Вуцис.

Вуцис имаше поздравно обраќање на промоцијата на книгата „10+1 прашања и одговори за македонското прашање“, во просториите на Стопанската комора во Атина, а во неговиот говор се задржа на шест точки изразувајќи ги неговите размислувања во однос на прашањето за името.

– Во интерес на нашата земја е да се реши прашањето врз база на заедничко и заемно прифатено решение за севкупна употреба, со уставна регистрација на името и со еден широк договор што ќе потврдува, ќе гарантира и ќе охрабрува една нова ера во односите на народите, не само во економијата, туку и во сите прашања што ги засегаат – рече Вуцис.

Претседателот на грчкиот Парламент смета дека изнаоѓањето решение е важно не само за Скопје туку и за Атина, но од различни причини, а додаде дека сега веќе на сите им е јасно дека беше изгубено драгоцено време во минатото.

– На почетокот, грчката страна не работеше на сложено име, а подоцна, тогашната власт во ПЈРМ започна со постапки со јасна националистичка димензија што упорно имаа за цел регистрирање на името на земјата како Македонија – истакна претседателот на Парламентот на Грција.

Никос Вуцис изрази убеденост дека доколку решението е во рамките на грчките позиции, тогаш ќе биде поддржано од мнозинството политички сили во грчкиот Парламент.

– Мојата политичка проценка е дека доколку во Парламентот дојде за ратификација договор врз основа на повторените јавни ставови и обврзувања од страна на премиерот, но и од министерот за надворешни работи, ќе се најде, преку расправа, една широка политичка поддршка – смета претседателот на грчкиот парламент.