Фото: Игор Бансколиев

Во минатото, пред одржување избори или пред носење важни одлуки, државата често беше исправена и пред одредени безбедносни предизвици или провокации. Со членството во НАТО, Македонија и нејзините граѓани можат да здивнат, а опасностите од овој тип се анулирани еднаш засекогаш. Главните предизвици на земјата веќе не се од безбедносен карактер, туку се од здравствена и економска природа, тврдат аналитичарите

ЕКСПЕРТИТЕ ЗА МОЖНИТЕ БЕЗБЕДНОСНИ ПРЕДИЗВИЦИ И ИНЦИДЕНТИ ВО ПРЕДИЗБОРИЕТО

Неодамна претседателот на државата, Стево Пендаровски, во интервју за медиумите посочи дека здравствената криза, во комбинација со уставно-правната и политичката криза биле сериозна закана за активирање безбедносни ризици внатре во земјава. Деновиве се случи сериозен инцидент во кој беше опожарен имот на домашен политичар со подметнување експлозивна направа. Колку ваквите појави, но и предупредувања се некаков индикатор за можни ризици за дестабилизација на земјата во моменти кога сѐ уште е активна пандемијата со ковид-19 и во период кога нѐ очекуваат изборите во Македонија најавени за 15 јули.

Хронолошки гледано, Македонија памети вакви и слични безбедносни турбуленции со потенцијал да ја дестабилизираат државата и во минатите неколку изборни циклуси. Во средината на 2015 година во екот на долгата политичка криза, која заврши со парламентарните избори во 2016 година, земјата беше размрдана со два оружени инциденти. Првиот се случи на 21 април 2015 година, кога вооружена група од околу четириесетина лица, претставени како припадници на албанската сепаратистичка организација Ослободителна народна армија (ОНА), ја нападнаa караулата на македонската гранична полиција, сместена во близината на селото Гошинце. За време на нападот бea заробени, па ослободени четворица македонски граничари. Две недели подоцна во кумановско Диво Насеље се случува дводневна оружена престрелка во која животот го загубија 8 припадници на МВР.

Претходно пред одржувањето на осмите во низа парламентарни избори на државата на 28 октомври 2014 година, зградата на македонската влада беше гранатирана со два проектила, кои, за среќа, ја погодија само фасадата на објектот.
Неколку месеци, пак, пред предвремените парламентарни избори во 2008 година, на сличен начин, безбедносните служби регистрирале сличен напад чија цел била зградата на Владата.
Безбедносните аналитичари со кои се консултиравме велат дека скоро секогаш кога државата се наоѓа во процес за спроведување избори или во моменти кога се носат исклучително важни политички одлуки се добива впечаток дека некој токму тие моменти ги користи за да ја дестабилизира државата.

Сепак, тие додаваат дека со членството во НАТО оваа година, Македонија и нејзините граѓани можат да здивнат, дека опасностите од овој тип се анулирани еднаш засекогаш, а главните предизвици на земјата по изборите веќе не се од безбедносен карактер туку се од здравствена и економска природа.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, истакнува дека во овој момент не постојат ниту домашни ниту надворешни фактори, кои би можеле да ја дестабилизираат државата во период кога во земјата се спроведуваат парламентарните избори.
Според Трајанов, последниот инцидент поврзан за висок политички функционер, нема димензии да ја дестабилизира земјата и верува дека полицијата наскоро ќе го реши настанот.

– Гледано хронолошки на немилите настани во минатото, актуелните едноставно ги немаат тежината и сериозноста. Според мене, во моментов главни предизвици на Македонија не се од безбедносен карактер, туку тие пред сѐ се од здравствена и економска природа – вели Трајанов.
Тој истакнува дека тензиите во нашето општество ќе стивнат кога ќе заврши кампањата на партиите низ чии говори е возможно да има политички меѓусебни обвинувања и националистичка реторика.
– Сепак сметам дека времето на опасните настани од безбедносен карактер е зад нас и во иднина можеме единствено да очекуваме државата да биде безбедносно исправена пред настани, кои ќе бидат нуспроизвод на економската криза што ќе следува по животот во пандемија – резимира Трајанов.

Слично размислува и поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов, кој вели дека изјавата на претседателот Пендаровски е издржана и шефот на државата како врховен командант е добро брифиран за актуелните безбедносни состојби во земјата. Ангелов смета дека безбедносната клима во земјава во овој момент е стабилна и тој не верува дека неодамнешните немили случувања во дуќанот на политичарот имаат политичка заднина и потенцијал да предизвикаат дополнителни турбуленции.
Поранешниот генерал вели дека низ призмата на минатите инциденти, НАТО на Македонија во овој момент ѝ дава безбедносни гаранции и ги дестимулира албанските екстремисти да се обидат како во 2001 година да ја размрдаат безбедносно земјата.
Тој потсетува дека настаните во овој период се поклопуваат и со времето на оружените дејства во скопско Арачиново за време на конфликтот, во кој загинаа неколку припадници на безбедносните сили, а тој беше ранет.

[email protected]