Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерката за образование и наука Мила Царовска смета дека е доволно времето за квалитетна подготовка на системот за од 1 септември. Од друга страна, група практичари, иако убедени дека се потребни реформи, изразуваат скепса дека промените би се имплементирале квалитетно. Имено, тие го истакнуваат краткото време за да се спроведе овој амбициозен план, кој вклучува и конкурс за соработници за учебници, објавен во март, а не изостанува и прашањето кога и со каков квалитет ќе бидат учебниците. Обуката на наставниот кадар е уште едно горливо прашање, кое бара и време и други ресурси…

Ќе расте или ќе опаѓа скепсата на практичарите за квалитетно спроведување промени во образовниот систем од септември

Концепцијата за основното образование, која треба да најде примена во образовниот систем веќе од септември годинава, наиде на многу чувствителна јавност по тоа прашање. Најчесто реакциите одат во насока на тоа дека е прекратко времето во кое системот треба да се подготви за големите промени, но реакции имаше и за тоа дека во процесот на изработка на концепцијата немало консултации со институти, факултети и експерти од високото образование. Реакции предизвика најавата за интеграција на предмети, бидејќи на многумина не им е јасно како ќе изгледа час по природни науки, кој е склоп од биологија, хемија, физика.
Додека министерката за образование и наука Мила Царовска смета дека е доволно времето за квалитетна подготовка на системот за од 1 септември, практичарите се сомневаат дека промените би се имплементирале квалитетно.
М-р Светлана Димитриевска, професорка по пијано во училиштето „Илија Николовски-Луј“, вели дека при читањето на концепцијата, во која сосема оправдано се земаат за основа извештајот на ОЕЦД и истражувањата на Светската банка, се забележуваат големи недостатоци на нашиот образовен систем и потребата од крупни чекори.
– Концепцијата е амбициозна, и тоа ме радува. Но краткото време за да се спроведе овој амбициозен план, ми влева сомнеж дека тој би се имплементирал квалитетно. Со конкурс за соработници за учебници, објавен во март, не изостанува прашањето кога и со каков квалитет ќе бидат учебниците. Потоа, останува многу малку време за обука на наставниот кадар. Во концепцијата се потенцираат дигиталните вештини, нови методологии, наставни програми, интердисциплинарност, новини што бараат сериозни обуки, за да ги видиме посакуваните резултати – вели Димитриевска.

Со новата концепција, според неа, улогата и очекувањата од наставникот се зголемени, што значи дека треба да се размислува за подигнување на критериумите за професијата наставник.
– Наедно, се потенцира потребата од соработка меѓу наставници, како и училишната клима, за која голема улога има директорот. Тоа подразбира внимателно поставување на раководниот кадар, односно департизација, за да биде што поголем изборот на квалитетен кадар. Концепцијата во оваа форма, каква што е сега, ветува многу, но сепак се коси со временската рамка потребна за квалитетно подготвување и имплементација. Останува да видиме. Секако, образованието било и ќе биде столбот на едно здраво општество. Се надевам дека како што е пријатно да се чита концепцијата, така ќе биде и во реалноста – заклучува професорката.
Министерката за образование и наука Mила Царовска отворено и педантно изјави дека не очекува секоја промена што е суштинска и која треба да предизвика подобри резултати да биде дочекана со широко отворени раце од луѓето што треба да ја претрпат таа промена.

– Образованието е основата, а ние во минатото многу малку сме дискутирале за тоа. Системот на интеграцијата на предмети што ќе ја има и кај нас, веќе 20 години се имплементира во развиените земји. Наставниците имаат порака дека реформа е неопходна. Тие јасно кажуваат дека ова сега не ги прави среќни ниту нив ниту учениците ниту родителите. Затоа треба да се направи структурно поместување и приближување до меѓународните стандарди. Овозможуваме не само децата на богатите да можат да одат на курсеви и секции, туку на сите деца им нудиме повеќе изборни предмети за да може сите да имаат пристап до тоа што го сакаат. Наставниците низ целиот минат период се ставани на маргините, а тие се срцето на имплементацијата на оваа реформа, без нив ние не можеме да стигнеме до квалитетно образование – рече Царовска.Таа смета дека е доволно времето што го имаат на располагање надлежните за подготовка на системот за новите промени.
– Обуките за наставниците ќе ги прават искусни обучувачи, во комбинација со искусни наставници, кои ќе бидат обучувачи. Летото наставниците ќе бидат обучени само за програмите. Имаме доволно време, имаме голем тим на обучувачи. Околу 3.000 наставници ќе се обучат за прво и за четврто одделение – рече таа.