Живееме во години на политички и национални поделби. Генерациите растат во духот на онеправданоста и понижувањето. Згора на тоа, повеќе од една година живееме во пандемија, страв и искушение. Живееме во земја во која отсекогаш бил потребен голем напор за да покажеме кои сме. Жртвите биле големи, но секогаш сме успевале. Сме се потпирале едни на други. Сме биле тука едни за други, заедно. Но се чини како во меѓувреме да сме се отуѓиле!? Како да сме заборавиле кои сме и што сме. Одеднаш како да не разбираме каде сме и кон што целиме?
Погледнуваме ли во себе и во луѓето околу нас…?
Среќни сме или не?
Секој народ има свои искушенија и предизвици. Секој поединец има свои вредности и убедувања. Секоја нација и држава имаат свои форми на обединување како сила за исчекор понатаму. Секоја генерација си има свои визии и свои погледи, а со тоа и свои одговорности за идните поколенија.
Но, бездруго, секогаш има моменти кога треба да се застане, да се погледне, да се размисли, да се одлучи што е она највредно да се направи за да се продолжи по патот на развојот и просперитетот.
Велигденските и рамазанските празници нека бидат едни од тие денови. Верата, вербата и довербата се темелите што не треба да ги поткопуваме. Да споделиме проблеми и да донесеме заеднички решенија. Само треба да погледнеме во нашите срца и да се потсетиме на она што отсекогаш сме го знаеле.
Да си кажеме убав збор.
Да си упатиме насмевка.
Да подадеме рака.
И заедно да се насмееме.
И да почнеме да работиме.
Да бидеме луѓе, онакви какви што навистина во суштина сме.
Зашто универзалните и заеднички вредности се нишката што нѐ спојува, покажувајќи ни го патот кон сеопштиот просперитет и благосостојба.