Откако претседателот Трамп ги напушти практиките на своите претходници, за новиот американски претседател Џо Бајден повторно има конкретни индикатори дека паѓа под влијание на компаниите што произведуваат оружје, дозволувајќи им да ја креираат надворешнополитичката доктрина на САД. Дали тоа ќе значи дека Вашингтон повторно ќе се вовлече во некоја долга војна?!

Анализа: Американскиот воено-индустриски комплекс креатор не само на внатрешната туку и на меѓународната политика

Надворешнополитичката доктрина на новата американска администрација, впрочем, како и сите претходни, нема да биде одредена само од прокламираните идеали за заштита и унапредување на глобалната демократија, туку пред сѐ и над сѐ од интересите на американската економија. А во неа живее индустриски „џин“, кој во реалноста стои зад секој изговорен збор, секоја дипломатска, разузнавачка или воена активност на американската надворешна политика. Моќниот американски „воено-индустриски комплекс“, како што го нарече поранешниот американски претседател Двајт Ајзенхауер во својот познат проштален говор од 17 јануари 1961 година, пред да му ја предаде должноста на новоизбраниот Џон Кенеди, речиси еден век има решавачко влијание врз американската воена политика. Ајзенхауер, водач на сојузничките сили во Втората светска војна, генерал и политичар што многу добро ја познаваше комплетната структура на американската војска, воената индустрија и политичката елита, во својот пророчки говор предупреди на опасноста што на американската демократија ѝ се заканува преку новиот конгломерат на воената индустрија и политичките структури, како дотогаш невидена политичка сила во подем.
Ајзенхауер тогаш рече: „САД немаа своја воена структура сѐ до последниве светски војни. Американските производители на плугови, по потреба можеа да произведат и мечеви. Но не можевме веќе да ризикуваме со импровизации од таков размер во системот на нашата национална одбрана. Дојдовме во ситуација кога мораше да изградиме трајна индустрија за производство на оружје, огромна индустрија. Денес повеќе од три милиони жени и мажи работат во одбранбениот сектор. На годишно ниво, на воени потреби трошиме повеќе од вкупната нето-заработка на сите американски корпорации заедно. Во американската реалност се појави нешто ново – огромен воен естаблишмент и гигантска индустрија за вооружување. Влијанието на овие новини се чувствува во секој град, секое законодавно тело и во секоја канцеларија на нашата федерална власт – на економско, политичко, па дури и духовно ниво. Ги сфаќаме потребата и императивот за развој на воената индустрија и моќ. Но не смееме да си дозволиме да не ги сфатиме и огромните импликации од сево ова. Мора да бидеме внимателни во сите органи на власта, за да се спротивставиме на неовластеното преземање на целото влијание од страна на овој воено-индустриски комплекс, без разлика дали тоа се прави свесно или не. Потенцијалот за влез на политичката сцена на нескротливата моќ постои и секогаш ќе постои. Но никако не смееме да дозволиме оваа нова комбинација да ги загрози нашите слободи и нашите демократски процеси“.

Креатор не само на американската внатрешна политика туку и на
американскиот настап на меѓународната сцена

Претседателот Ајзенхауер точно предвиде во која насока ќе се развива поврзувањето на гигантската воена индустрија и политичките структури. Во 21 век, оваа структура стана една од клучните сили, која е креатор не само на американската внатрешна политика туку и на американскиот настап на меѓународната сцена.
Моќниот американски воено-индустриски комплекс, кој од времето на Ајзенхауер до денес повеќепати ја зголеми својата сила, во голема мера ја одредува и доктрината на глобалниот демократски интервенционизам (под водство на САД) на Бајден, како темелна одредница за неговата администрација.
На овој воено-индустриски комплекс дури и многу повеќе му одговара интервенционизмот на Бајден одошто изолационизмот на Трамп, без разлика на тоа колку овој вториов се трудеше – некогаш и сосила – да продава американско оружје во светот.
Војните и заканата од војна се тие што продаваат оружје, а не трговските вештини. Трамп, за разлика од претходната администрација на Обама, не започна ниту една војна (избегнувајќи надворешни интервенции), а сосема е јасно дека без надворешни интервенции и присуство на моќни непријатели, за САД нема нови циклуси на обновување на вооружените сили, ниту пак „трошење“ на воен материјал, па, оттука, нема потреба ниту од ново вооружување и воена опрема. Факт е дека надворешната продажба на оружје, сама по себе, не е доволна за одржување на воено-индустрискиот комплекс на САД.

Обнова на армијата

Американските воени сили отсекогаш биле најголем и најдобар потрошувач. Тие ги купуваат и користат најнапредните и најскапи производи на американската воена индустрија, од кои голем дел не е достапен за извоз во други држави. Секако, во нив спаѓа и баснословно скапото нуклеарно оружје. Американската војска е во процес на реконструкција и осовременување на својот стратегиски нуклеарен потенцијал, и тоа на сите три полиња на нуклеарна моќ – копнена, воздушна и поморска.
Војната против тероризмот, воените интервенции на Блискиот Исток и тамошните индуцирани меѓусебни судири и воени пресметки, во голема мера ја поттикнаа продажбата на американско оружје, но сепак не ја оправдуваат обновата на американскиот нуклеарен арсенал. Наместо некакваси Ал каеда или ИСИЛ, на САД им е потребен многу поголем и пострашен непријател. Кина, со својата растечка економска и воена моќ, како и Русија, со својот импресивен нуклеарен арсенал, едноставно се совршени за оваа намена, речиси исто колку што некогашната националсоцијалистичка Германија и Јапонија беа неопходни за раѓањето на американскиот воено-индустриски комплекс.
Овие две држави беа тие што го „создадоа“ и зајакнаа комплексот во периодот помеѓу двете светски војни. Потоа со години овој комплекс беше „хранет“ од страна на советското комунистичко царство и самиот комунизам, а сега оваа улога ја преземаат Кина и постсоветска Русија. Според стратегиските процени на Вашингтон, денес Кина практично ја презеде на Пацификот некогашната улога на Јапонија, додека на европскиот континент, во самиот „Хартленд“ на Мекиндер (срцето на светот), Русија ја презеде улогата на Германија.
Само толку големи и опасни непријатели го оправдуваат продолжениот процес на материјална обнова на американската воена машинерија и одржувањето и растот на воено-индустрискиот гигант, кому непосреден економски интерес му се војните и присуството на големи надворешни непријатели. Поради својата природа (на која предупредуваше генералот Ајзенхауер), воено-индустрискиот комплекс бара и пронаоѓа патишта до политичките структури на законодавната и извршната власт со кои го поврзуваат заеднички интереси и така посредно, воден од своите финансиски интереси, станува еден од клучните креатори на американската надворешна политика.

Конфликт на интереси

Според американската Федерална изборна комисија, чии извештаи ги пренесува Центарот за отворени политики, непартиска вашингтонска организација што го следи протокот на пари и лобирањето во политичките структури, во текот на последнава деценија, производителите на оружје и воена опрема потрошиле 127 милиони долари за лобирање во Конгресот, од кои по 25 милиони долари само во последните два изборни циклуси, најмногу во вид на донации за политички кандидати на федерално ниво. Во ова предничат најмоќните одбранбени снабдувачи, како што се „Рејтеон“, „Јунајтид технолоџис“ и, секако, неизбежниот „Локхид-Мартин“.
Помеѓу воено-индустрискиот комплекс и политичките структури постои и голема размена на кадри. Сенаторите и конгресмените знаат дека за нив и нивните политички соработници и штитеници секогаш ќе бидат достапни профитабилните позиции во одбранбената индустрија.
Откако ќе ја напуштат воената служба, на високите американски воени службеници постојано им се отворени вратите на најмоќните компании во воената индустрија. Од овие позиции во управните одбори на одбранбените компании, патот до највисоките политички функции во САД е многу краток.
Според процените, во текот на 2018 година, дури 645 високи државни службеници – главно од Пентагон, вооружените сили и Капитол Хил – добиле работа во некоја од 20-те најмоќни воено-индустриски компании. Новата администрација на Џо Бајден презеде еден дел од кадрите во воените структури и воената индустрија. Така, новиот американски министер за одбрана, генералот Лојд Џеј Остин, кој стапи на должност на 22 јануари годинава, по напуштањето на активната служба во 2016 година, кариерата ја продолжил во управниот одбор на воено-индустриската компанија „Рејтеон технолоџис“. Во времето на администрацијата на Обама, државниот секретар Ентони Блинкен беше заменик-државен секретар и советник за национална безбедност. По заминувањето на Обама, заедно со Мишел Флорној, тој водеше консултантска фирма што вршеше работи за најголемите воени производители. Мишел Флорној, некогашен заменик на помошник-министерот за одбрана во администрацијата на Бил Клинтон, како и заменик на министерот за одбрана и политички прашања во администрацијата на Обама, сега е член на управниот одбор на моќната компанија во одбранбениот сектор „Буз Ален Хамилтон“, која во 2018 година од Министерството за одбрана доби тендер за истражување и планирање на развојот на хемиската и биолошката одбрана, во вредност од 8,27 милијарди долари. Од 1 декември 2020, Флорној е советник во фирмата „Пајн Ајленд кепитал“, која склучи договори во висина од 218 милиони долари со американското министерство за одбрана.

Војните како генератори на економијата

Воено-индустрискиот комплекс функционира во многу различни економски услови од остатокот на американското стопанство. Компаниите за цивилно производство се зависни од домашните и меѓународните пазари, на кои постојано мора да се натпреваруваат.
Тие мора да нудат квалитетни и ефикасни индустриски производи, а треба да водат сметка и за трошоците за производство, за да може да бидат конкурентни на пазарите. Компаниите од воено-индустрискиот комплекс во САД не се во толкава мера зависни од пазарните трендови, затоа што се монополисти. Американската држава не може да склучи договори за производство на нуклеарно оружје и други технолошки напредни воени производи со никого освен со американските производители, а тука сѐ се врти околу истите моќни компании што со децении владеат со американското производство на оружје и воена опрема.
Додека на Блискиот Исток се водат крвави војни, а студената војна помеѓу Западот и Кина и Русија сѐ повеќе се разгорува, американската воена индустрија цути. Се отвораат нови работни места, во производствениот процес се вклучуваат нови компании, научнотехнолошките воени капацитети за развој на нови оружја имаат работа прекуглава, а приходите остварени по основа на продажба на оружје и воена опрема во последниве години рапидно растат. Забележано е дека приходите од американската продажба на оружје почнаа да растат по избувнувањето на економската криза во 2008 година, а очигледно е и дека токму воено-индустрискиот комплекс одигра клучна улога во излезот на американската економија од рецесија. Имајќи го предвид сето ова, може да заклучиме дека политиката му е голем должник на овој комплекс, смета Стефанов.
Вкупните воени трошоци на САД во 2013 година изнесуваа 640 милијарди долари. За годинава е предвидена сума од 760 милијарди долари, од кои 264 милијарди треба да се потрошат за набавка на нови системи за вооружување и надградба на постојните во американската армија. Со оглед на фактот дека американската војска се снабдува исклучиво од домашни компании, придонесот на воената индустрија во американската економија е немерлив – станува збор за поголем број компании во 44 сојузни американски држави, од кои некои имаат годишен профит и до 5 милијарди долари, со речиси еден милион вработени и илјадници компании-кооперанти.
Со порастот на американските воени активности во Европа и на Пацификот – секако, поради тензиите со Русија и Кина – пред американската воена индустрија се отвораат нови производствени можности.

Зделки од кои се „завртува во главата“

Откако раководството на САД е преземено од страна на администрацијата на претседателот Бајден, пресметките со разни терористички организации и регионалното воено дејствување на американските сили повеќе не се доволни за одржување на американскиот воено-индустриски гигант. Вистинските големи зделки може да се договараат само со американската влада и одбранбениот систем.
Една од најголемите зделки е обновата на американскиот стратегиски нуклеарен арсенал. Во април 2020 година, компанијата „Рејтеон“ склучи договор за развој и производство на новите крстосувачки ракети ЛРСО, кои ќе бидат вооружени со нуклеарни боеви глави и се планира да бидат лансирани од авиони. Ракетите ЛРСО би требало да бидат замена за дури 375 постојни крстосувачки ракети „боинг“, со нуклеарни боеви глави АГМ-86Б. До крајот на 2022 година, американското воено воздухопловство планира за овие ракети да потроши 2,7 милијарди долари. Предвидено е производство на илјада ЛРСО-ракети по сегашната цена од 10 милиони долари за една, што вкупно изнесува 10 милијарди долари, иако уште сега е сосема јасно дека конечната цена на проектот ќе биде многу повисока. Ракетите ЛРСО ќе бидат вклучени во арсеналот на стратегиските бомбардери Б-52, а во следниве години и кај новите стратегиски бомбардери Б-21 со карактеристики на стелт-летала.
Истовремено, во ноември минатата година, компанијата „Нортроп груман“ склучи договор со Министерството за одбрана на САД во вредност од 13,3 милијарди долари – се работи за развој на нови интерконтинентални балистички ракети, кои би биле распоредени во подземни силоси. Предвидено е производство на 600 проектили, чија конечна цена ќе изнесува околу 100 милијарди долари, додека трошоците за нивно оперативно одржување се проценуваат на 168 милијарди долари.
Во рамките на развојот на противракетната одбрана (односно, како одговор на нуклеарните потенцијали на Кина и Русија), во март 2020 година, „Рејтеон“ потпиша договор со американската влада во висина од 2,1 милијарди долари за производство и испорака на противракетни проектили „СМ-3 блок ИБ“. Во договорот е назначено континуирано производство до 2023 година. Досега „Рејтеон“ има испорачано 400 вакви проектили, кои се распоредени на американски и јапонски воени бродови, како и на копнените позиции на „ракетниот штит“ на територијата на Европа.
Компанијата склучи и договори за развој на усовршена верзија на СМ-3 ИИА. Прелиминарниот примерок на овој проектил кон крајот на минатата година првпат изврши успешно рушење на боева глава на интерконтинентален балистички проектил.

Односите со Русија

Американските производители на воена опрема нудат најсофистицирани, а со тоа и најскапи оружја во денешницава, особено во областа на воздухопловството и „паметното“ оружје, па оттука не е за чудење фактот што американските компании се водечки на листата на СИПРИ за 100 светски производители на оружје со најголем вкупен профит. На првото и второто место секогаш се американските „Локхид Мартин“ и „Боинг“, а по нив следуваат „Рејтеон“, „Џенерал дајнемикс“, „Нортроп груман“ и американската подружница на британскиот „БАЕ системс“.
Производителите сигурно не би можеле да го постигнат ова, доколку зад себе ја немаат целата државна политика на САД, секако, со директен оперативен ангажман низ разните форми на проекција на нивната воено-политичка моќ надвор од земјата. Сходно на тоа, американското надворешнополитичко дејствување во голема мера е креирано од влијанието на воено-индустрискиот комплекс. И покрај огромниот извоз, овој комплекс сепак се одржува врз производството наменето за американските вооружени сили.
Доколку сакаат да го одржат во живот процесот на производство и развој на нови системи за вооружување, како и нивната имплементација во американскиот одбранбен механизам – особено кога се работи за нуклеарно оружје, кое овозможува глобална стратегиска надмоќ на американските воени сили – на САД им требаат моќни надворешни противници, заради кои ќе има неопходност од континуирано одржување и усовршување на американскиот одбранбен потенцијал. Оттука, постоењето на доволно моќни американски противници претставува директен финансиски интерес на воено-индустрискиот комплекс.
Имајќи предвид дека во целост се остварија црните предвидувања на Двајт Ајзенхауер за опасното „здружување“ на политиката, воениот систем и производителите на оружје и воена опрема, како и за јакнењето на нивното влијание врз политичките одлуки, нема никаква дилема дека американските и сојузничките односи со Кина и Русија (кои се корисни како опасни противници) нема да се движат во насока на понатамошно заострување и перманентно одржување на напнатоста. Доктрината на глобален демократски интервенционизам на Бајден, како и решителната конфронтација со Кина и Русија, кои се означени како системски закани, се наоѓаат во целосна согласност со интересите на американскиот воено-индустриски комплекс. Јасно е дека, со помош на политичко влијание, овој систем директно учествуваше во ваквата доктринарна насока на американската надворешна политика.

Марио Стефанов, „Геополитика њуз“