Уште минатата година во годишниот извештај на американскиот Стејт департмент пишува дека нивниот национален комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот проценува дека 156 македонски државјани се приклучиле кон терористичките групи во Сирија и во Ирак, од нив 36 загинале, 37 останале на боиштата, а 83 се вратиле во нашата земја. Каква е моменталната состојба по тоа безбедносно прашање, по последните полициски акции при крајот на минатата година?

Македонија плодно тло за „конзервирање“ терористички ќелии?

Станува ли Македонија плодно тло за терористички ќелии на ИСИС? Оваа дилема се реактуализира во домашната јавност на почетокот на годинава, кога македонската полиција и Агенцијата за национална безбедност објавија дека минатата година уапсиле вкупно 11 македонски државјани под сомнение за тероризам.

Латентни опасности од терористички акти, сепак, постојат

За потсетување, првата акција беше спроведена во август, а втората беше реализирана кон крајот на декември. По нејзиното спроведување, во јавноста беше објавена исклучително индикативна информација, дека двете акции биле насочени кон разбивање иста организација, базирана врз „идеолошките основи на Исламската држава“.
Во претресите при двете полициски акции се најдени воена опрема, оружје, муниција, ознаки на ИСИС, бомбашки елеци и експлозив. Според констатираните мотиви и цели, надлежните објаснија дека имало планови за „убиства и уништување јавни објекти заради внесување страв кај граѓаните“.
Она што е интересно за јавноста е информацијата на МВР, кое соопшти дека некои од уапсените биле т.н. „рецидивисти“, односно повратници од Сирија, каде што се бореле на страната на Исламската држава, а кај нас биле правосилно осудени и издржале затворска казна за извршено кривично дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.
Проблемот со „повратниците“ што имаат потенцијал за директно деструктивно влијание врз македонското општество беше во фокусот и на извештајот на американската влада уште во минатата година.

И американскиот Стејт департмент потврдува постоење на опасност од тероризам

Имено, американскиот Стејт департмент во јуни го објави својот годишен извештај за тероризмот во светот во 2019 година. Во него главната безбедносна закана во Македонија беше дијагностицирана во ликот на повратниците од ИСИС. Во документот пишува дека Националниот комитет за борба против насилниот екстремизам и борба против тероризмот проценува дека 156 македонски државјани се приклучиле кон терористичките групи во Сирија и во Ирак, од нив 36 загинале, 37 останале на боиштата, а 83 се вратиле во Северна Македонија.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своја изјава за медиумите на оваа тема вели дека геоположбата на нашата држава е специфична, па затоа се случуваат активности на терористички групи, но дека свесноста на полицијата за тоа секогаш е на високо ниво.
– Полицијата, заедно со Агенцијата за национална безбедност, работи континуирано, оти тероризмот е нов предизвик, не само кај нас туку и глoбално. Полицијата 24 часа е посветена на мирот и стабилноста, тоа е наша уставна обврска, која секој службеник ја презел како одговорност кога започнал со работа. Тероризмот не е нешто што ќе заврши денеска, тоа е глобална појава, која нѐ оптоварува сите. Нашата геостратегиска позиција преставува и потенцијален ризик, но ги уверувам сите граѓани дека институциите добро и посветено работат на спречување каков било терористички акт. Сега не може поголеми настани да имаме за празниците поради вирусот, но ние максимално сме подготвени да реагираме – изјави министерот Спасовски.

Нов тренд на „деконзервирање“ на заспаните терористички ќелии

Пецо Трајкоски од Центарот за стратегиски истражувања и анализи во својот осврт на актуелните случувања вели дека во моментов сме сведоци на еден нов тренд поврзан со тероризмот присутен и во нашата земја. Трајкоски вели дека активистите на ИСИС се надградена верзија на некогашната Исламска држава.
– Сега, во подобрена едиција на ИСИЛ, т.н. „верзија 2.0“, тие излегуваат од своите скривници, се деконзервираат и се обидуваат да ги исполнат целите на нивната организација – вели Трајкоски.
Тој објаснува дека Македонија и другите земји од Западен Балкан се погодно тло за повратници од фронтовите во Сирија, Ирак и во Авганистан, каде што се бореле за Исламската држава, но исто така се и погодно место за престој, регрутација и обука на борци за ИД, ако се има предвид не малата бројка на регрутирани борци од регионот.
– Македонија и Балканот се вратата на ИСИС кон Европа и Америка, па оттука може да се разбере зошто тие се активни во нашите краишта и зошто токму тука регрутираат припадници што физички се идентични со најмногубројните популации во ЕУ и во САД – резимира тој.

[email protected]