Јавниот сектор не смее да работи во служба на некој друг, заробената држава е минато, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Со алатка за анонимно пријавување притисоци за време на изборната кампања, министерот го честиташе меѓународниот Ден на јавниот сектор.

Вработените во јавниот сектор преку алатка објавена на веб-страницата на Министерството имаат можност да пријават ако некој им врши притисок.

– Ако некој им врши притисок во работниот процес, вработените во јавниот сектор можат тоа да го пријават, а Министерството за информатичко општество ќе ги проследи сите пристигнати пријави. Јавниот сектор мора да работи без притисоци и беа да биде во служба на некој друг, заробената држава е минато – рече министерот Манчевски.

Пријавите може да се поднесуваат анонимно, но доколку некој сака да ги остави и податоците, Манчевски вели дека тие ќе бидат заштитени.

За алатката за пријава на притисоци за време на кампања Министерството веќе имало координација до Државната комисија за спречување корупција, со Народниот правобранител, со Агенцијата за вработување и сите засегнати институции.

Манчевски објасни дека ова е нова алатка со посебна намена за време на изборната кампања, различна од досегашната алатка каде што администрацијата можела да пријави притисоци и каде што, со еден исклучок кога имале 10 пријави, бројот на пристигнати пријави бил едноцифрен и биле несоодветни оти се однесувале на приватниот сектор.