Дали предупредувањата за растечкиот неонацизам се однесуваа и за Балканот, односно за Бугарија? Секако, да! Огласувањето на алармот во ОН за зголемената поддршка кај граѓаните за неонацистичките движења никако не смее да се занемари. Тоа флагрантно се препозна и во нашето источно соседство. Пред само две седмици во Софија, главниот град на Бугарија, иако прекинат, сепак се случи т.н. Луков марш, своевидна парада на националистички организации. Сечилото на таквите анахрони деструкции е насочено и кон македонската историја, нација, јазик…

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предупреди на фашизмот и неонацизмот како транснационална закана

Според сознанијата на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, но и според познавачите на историските политички процеси, пандемијата особено им годи на расистичките и неонацистичките движења. Првиот човек на ОН, на форум во Женева, одржан на почетокот на седмицава, предупреди дека неонацистичките движења прераснале во „транснационална закана“ и дека ја искористиле пандемијата на коронавирусот за да си ја зајакнат својата поддршка. Во обраќањето пред Советот на ОН за човекови права, Гутереш рекол дека опасноста од групации задоени со омраза секој ден е сѐ поголема.
– Расизмот и неонацистичките движења се нешто многу повеќе од домашни терористички закани. Тие станаа транснационална закана. Тие екстремистички движења денес се најопасната закана за внатрешната безбедност во неколку земји. Таквите групации што шират омраза пречесто се бодрени од луѓе на одговорни позиции, на начини што не толку одамна беа незамисливи – истакнал Гутереш на форумот.

Дали предупредувањата за неонацизмот се однесуваа и за Балканот, односно ја вклучуваат Бугарија? Недвосмислено, да! Вклучувањето на алармот во ОН за зголемената поддршка кај граѓаните за неонацистичките движења никако не смее да се запостави. Пред само две седмици во Софија, главниот град на Бугарија, иако прекинат, сепак се случи т.н. Луков марш, своевидна парада на националистички организации. Овој марш, посветен на бугарскиот генерал од Втората светска војна Христо Луков, кој дејствувал како радикален националист и фашист, се одржува од 2004 година во Софија, а само минатата година бил забранет, додека годинава му било само ограничено движењето. Поради непочитување на таквата одредба, маршот бил прекинат, но вообичаената нацистичка иконографија сепак се појавила на улиците на еден главен град на земја-членка на ЕУ. Од друга страна, во Грција, во текот на изминатата пандемиска година, беше изречена пресуда со која тамошната радикална националистичка партија Златна зора (која речиси една деценија беше релевантен политички субјект во земјата) беше осудена како терористичка организација. Сепак, и само овие два примера говорат дека на Балканот никако не е сузбиен потенцијалот за изблик и подем на неонацистичките движења.

А за издвојување е дека нивните програми и дејствувања се директно насочени и кон негирање на малцинствата во нивните држави, со силно изразени милитантно-радикални методи, хегемонизам, шовинизам и експанзионизам, премолчно толерирани и од тамошните официјални власти.
– Можеби сѐ уште е рано за заклучоци како пандемијата влијаела на опасноста од развојот на радикалните движења, но познато е дека затворањето на општествата (како што се случи изминатава година) е погодно за создавање параноја, психоза, теории на заговор, а конечно и ксенофобија… состојби што се психолошки предуслов за појава на радикализам. Освен тоа, воопшто глобализмот, односно полесната глобална комуникација, создава услови за полесно да се регрутираат следбеници на таквите радикални движења. Тие два фактора прават радикалните (во тој ред и неонацистичките) движења да земат замав во овие пандемиско-карантински времиња. Државите на Балканот, а и во Европа, никако не се имуни на неонацизмот. Појави на неонацистички групи има и во Грција, и во Бугарија, но и во Австрија…. Разликата е во тоа како реагираат државите на ваквите појави. Држава со поизразен националистички набој реагира само со формална забрана на неонацистички марш. Поодлучните држави во борбата против вакви радикални појави преземаат поконкретни чекори во сузбивањето на самите организации. Сериозноста на државите и општествата во одлучноста за справување со радикалните движења се гледа во различниот одговор на системот – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Како најефикасен начин за сузбивање на радикалните движења, особено неонацизмот како најекстремна форма, историчарката Наташа Котлар вели дека низ примери од историјата се покажало дека на ваквите организации треба да им биде ускратена економско-финансиската поддршка. Елиминирањето на поддршката од финансиската моќ доведува до нивно општествено маргинализирање, па дури и до исчезнување.
– Самото споменување на опасноста од (нео)нацизмот наведува на историски паралели. Тој се појавува кога Германија, по Првата светска војна, е понижена и девастирана на секаков план: воено, економски, социјално, општествено. Во такви социоекономски услови, на суштинска сиромаштија, кога сите национални фрустрации излегуваат на површина, се раѓаат такви радикални идеологии како нацизмот. Од друга страна, таквите идеологии не можат да успеат ако немаат финансиска поддршка. Индустријата му помогна на Хитлер да ја наметне нацистичката идеологија на тогашното германско општество. Своевиден историски феномен е што таквите радикални идеологии се појавуваат секогаш кога општествата се соочени со социјална и економска депресија. А во изминатава пандемиска година беа сериозно загрозени социоекономските состојби – вели историчарката Наташа Котлар.
Сепак, според Котлар, и во такви услови погодни за воздигнување радикални идеологии и движења, друго прашање е колку едно општество е подготвено да се справи со нив, или ќе избере да поддржи една таква идеологија.

– При такви појави, особено треба да се насочи општествениот интерес на тоа кој ги финансира и стимулира организациите што ги спроведуваат радикалните идеологии. Во седумдесеттите години на минатиот век, голема и страшна опасност беа Црвените бригади во Италија. Но кога се откри и прекина нивното финансирање, тие како одеднаш да исчезнаа. Радикалните движења се стихијна појава, не се народски произлезени. Вообичаено, конците на нивното дејствување ги движи некоја друга групација, која е финансиско-економски моќна и проценува дека преку ваквите радикални движења ќе креира општествена клима погодна за реализација на своите интереси. Ниту партија ниту идеологија не може да опстане ако нема финансиско-економска поддршка. Ако навистина се сака справување со радикализмот, односно неонацизмот како транснационална закана, потребно е само да се следи текот на парите – вели Наташа Котлар.