Граѓани во храната откриле присуство на најразлични нешта, како ластиче во ајвар, црви во чоколадо и слично. Од 340 претставки во АХВ, осум се за присуство на механички загадувачи во храната. Од АХВ тврдат дека преку сознанијата од Европската агенција за храна нема научни докази дека храната може да биде преносител на ковид-19. Нутриционистите, пак, порачуваат подалеку од храна што стои на отворено во продавниците и на пазарите, изложена надвор од фрижидерите

Граѓански претставки до Агенцијата за храна и ветеринарство

Неодамна ластиче е пронајдено во купена тегла ајвар од маркет, а во друг случај, пак, имало црви во чоколадото. Ова се самo дел од искуствата на граѓаните, а има и други слични на овие, за што потврда се и добиените поплаки во Агенцијата за храна и ветеринарство. Во нивната база на податоци во Oдделението за заштита на потрошувачи за постапување по претставки и предлози годинава, од вкупно евидентираните 340 претставки, осум се однесуваат на присуство на механички загадувачи во храната, и тоа присуство на парченца стакло, пластика, метални иглички, заб, влакна.

Дали храната претставува извор или преносител на вируси

Од АХВ велат дека уште на почетокот на пандемијата објавиле дека Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) будно ја следи ситуацијата во однос на појавата и ширењето на коронавирусот, од кој се зафатени голем број земји низ светот. И тогаш и сега тврдат дека не постојат научни докази дека храната претставува извор или преносител на овој вирус, додавајќи дека научниците и надлежните органи низ светот го следат ширењето на вирусот и досега не постојат извештаи дека истиот тој се шири преку храна. Од друга страна, пак, научни студии тврдеа дека коронавирусот девет дена преживува на метал, стакло и на пластика, а до 24 часа на картон, на човечката кожа вирусот е активен девет часа, додека во воздухот три часа. Токму затоа состојбата со ковид-19 предизвикува дополнителен страв кај потрошувачите, кои дополнително внимаваат на безбедноста на храната, а особено се во дилема за купувањето на храната на отворено, надвор од фрижидерите, како во некои од маркетите така и на зелените пазари.
– Дали коронавирусот може да се задржи на несоодветни состојки пронајдени во храната, нутриционист не може да каже. Она што можам да го препорачам е луѓето да купуваат свежи производи на пазарите и потоа со сода бикарбона во водата да ги измијат, содата создава алкална средина. Онаа друга храна што се продава на пазарите во отворени канти или садови, како сирење и урда, воопшто не треба да се јаде. Препорачувам да се купува храна само од проверени производители и да се води сметка каде се купува. Побезбедно е од домашни производители, бидејќи за увезените не се води многу сметка и да се јаде храна во проверени ресторани.

Храната што се продава на отворено ни случајно да не се јаде, таа секогаш може да има вируси и бактерии. Има и совесни луѓе што со години продаваат на пазарите, но како појава важно е да се напомене дека покрај таа храна на отворено има огромна фреквенција луѓе, а тие преку разговор стоејќи над храната сакале или не испуштаат микрочестички. Затоа велам таквата храна што се продава на отворено воопшто не треба да се јаде. Често гледам риби во гајба се продаваат пред рибарница, никакви хигиенски услови не се испочитувани и затоа велам подалеку од тие прехранбени производи што се продаваат на отворено. Да се купуваат производи сместени во фрижидери, витрини и при носење дома да се испочитуваат барем минимум хигиенски услови, бидејќи бактериите и вирусите можат да се задржат и на амбалажата. Во ова време на ковид-19, најважно е да работиме на својот имунитет, но не можеме максимално да се заштитиме од патогени елементи – појаснува Цвета Динева сертифицирана нутриционистка, консултантка.
Од АХВ велат дека во врска со добиените претставки од граѓаните се составени записници, донесени се две решенија и се изречени две глоби, а една претставка е отфрлена за постапување поради недоволно наведени податоци.
– Од почетокот на годинава заклучно со август инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведоа вкупно 33.563 контроли кај оператори со храна од животинско и од неживотинско потекло. Контроли се направени кај поголемите производители и трговци со намера лебот да биде пакуван, во согласност со дадената насока од АХВ за заштита на овој прехранбен производ од контаминација, односно негово пакување наместо во единечни во двојни ќесиња, за лебот да биде заштитен во целост, односно во согласност со пропишаните барања за безбедност. Врз основа на извршените контроли не се евидентирани поголеми отстапувања – тврдат од АХВ.

Но во продажната мрежа, купувачите сѐ уште забележуваат несоодветно спакуван леб. Оние, пак, што веќе им се случило да купат некој производ со поминат рок сега отвораат четири очи и постојано ги читаат роковите на производите во продавниците. Тие, пак, што немаат време во брзото пазарење во својата кошница ќе стават и производ за кој дури потоа ќе видат дека на декларацијата нема земја на потекло, производител и слично. Храна на отворено во канти или на картони се продава и на зелените пазари, па речиси постојано поставени пред некоја тезга или пред дуќаните можат да се видат отворени канти со сирење, садови со урда, маслинки, а некаде малку понатаму на картон се нудат и сувомесни производи целодневно изложени на отворено, па во нив бактериите брзо и лесно можат да се размножуваат. Но потрошувачите, кога се во прашање квалитетот на храната, роковите и соодветниот начин на чување, често наместо да реагираат до надлежните институции своите искуства само ги споделуваат на социјалните мрежи.

АХВ порачува да се пријават сите недоследности со храната

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека безбедноста на храната е грижа на сите вклучени во системот на безбедна храна, почнувајќи од државата и институциите на системот, но и операторите со храна и самите потрошувачи.
– Земајќи ја предвид актуелната состојба со пандемијата на вирусот во земјава, а со намера обезбедување поголема сигурност на потрошувачите дека купуваат безбеден производ – леб, Агенцијата за храна и ветеринарство ги задолжи производителите наместо во единечно хартиено пакување, лебот да го пакуваат во двојно ќесе, од двете страни, со намера овој прехранбен производ да биде целосно заштитен од евентуално загадување, односно нема да биде изложен на директна контаминација. До потрошувачите останува апелот да не ги допираат производите при купувањето, особено оние што не се целосно амбалажирани, односно сите ние како совесни граѓани да го дадеме својот максимален придонес во издигнувањето на јавната свест за безбедноста и на оваа категорија производи. На бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22 и на електронската адреса на Агенцијата за храна и ветеринарство [email protected], граѓаните можат да ја пријават секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучувајќи и на лебот и пекарските производи – порачаа од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Поплаки за храна со поминат рок и во ОПМ

И од Организацијата на потрошувачи велат дека имаат поплаки од граѓани, кои најчесто се однесуваат на производи со поминат рок.
– Имавме поплаки од потрошувачи за проблеми со храната, но тие не се во многу голем број или можам да кажам се еден отсто од вкупниот број поплаки на годишно ниво. Но тоа е така, веројатно, затоа што не сите се жалат кај нас или можеби во Агенцијата за храна и ветеринарство, затоа што најчесто многу од граѓаните веќе ги дале парите за производот со истечен рок и не сакаат да трошат време и енергија во некакво докажување за купено лонче кисело млеко со поминат рок. Неодамна добивме поплака за млечен производ со мов, потоа за купен пакет млеко на кој стои дека млекото е со масленост од 3,2 отсто, а кога потрошувачот го отворил дома, поединечните пакувања биле со помала масленост. Потоа имаше реакција од граѓанин што купил киндер-јајце за своето дете, а потоа дома забележал дека на него пишува само состав, а нема ниту име на производител, ниту земја на потекло. Најмногу поплаки има за млечни производи со поминат рок. За некои од поплаките ги упатуваме граѓаните да ги пријават своите искуства во Агенцијата за храна и ветеринарство, а во некои случаи и ние поднесуваме писмени поплаки до нив – вели Мартина Грнчаревска, правна советничка во ОПМ.