Парламентарното собрание на Советот на Европа, со седиште во Стразбур, реши да расправа за начинот на организирањето на референдумите во земјите-членки на организацијата, меѓу кои и во Македонија, откако беше забележано дека во некои земји, неодамнешните референдуми предизвикаа загриженост во однос на нивната организација и праведноста на исходот.

Како што јави МИА, известувачката, британската парламентарка Шерил Гилан, нагласила дека „референдумот мора да биде дел од процесот на претставничка демократија и да не биде користен од извршната власт да ја надмине волјата на парламентот, ниту пак да биде организиран за да ги избегне вообичаените проверки и рамнотежи“.

Меѓу примерите за неодамнешните проблематични референдуми, покрај фамозниот британски референдум за брегзит, кој најмногу довел до оваа дебата, бил посочен и референдумот за Преспанскиот договор во Македонија, како случај во кој референдумските прашања не следат фиксен формат и се одредуваат од случај до случај.

Во извештајот на известувачката се наведува дека на референдумот што го свикува законодавецот, најчесто тој е оној што решава за прашањето што се поставува на гласање, но и дека сегашниот кодекс, кој пред десетина години бил изработен од Венецијанската комисија, не дава насоки за процедурите што треба да се следат во овој поглед. Ова, според ПССЕ, е јасен недостаток што треба да се дополни така што се потребни проверки за да се обезбеди усогласеност со принципите утврдени во кодексот. Притоа се наведени примерите со Македонија, Грција и со Унгарија, како случаи каде што имало обвинувања за манипулација со формулацијата на референдумските прашања.