Кај домашната јавност најсвежи се сеќавањата на Дејтонскиот договор

Експертите со кои се консултира нашиот весник пронаоѓаат мноштво сличности помеѓу спогодбата од Преспа и други меѓудржавни договори, како на пример Договорот од Велики петок меѓу Ирска и Британија, Договорот за гаранција за Кипар, Осимските спогодби, Договорот од Осло, Елисејскиот договор меѓу Франција и Германија, Дејтонскиот договор и други

Колку спогодбата од Преспа меѓу Македонија и Грција е слична и споредлива со други меѓународни договори помеѓу други држави и дали ваквите договори потоа заживеале во практика, биле комплетно имплементирани по потпишувањето или можеби се соочувале со тешкотии. Овие дилеми се разбирливо актуелни во домашната јавност, во моменти кога спогодбата се официјализира со гласањата во парламентите во двете држави.

Експертите со кои се консултиравме велат дека до одредена мера спогодбата од Преспа навистина може да се спореди со други меѓународни договори помеѓу други држави, иако секој од овие документи во суштина решава сосема различна материја, која не може да се идентификува со македонско-грчкиот случај.

Зоран Тодоров, член на Дипломатскиот клуб од Скопје во публикацијата „Дипломатски летопис“, пишува дека во компаративното меѓународно право постојат четири примери на договори, кои имаат допирни точки со оваа спогодба.

Според Тодоров, станува збор за Договорот од Велики петок (10 април 1998 година), Договорот за гаранција (16 август 1960 година) за Кипар, Осимските спогодби (10 ноември 1975) и Договорот од Осло (1993).

Тој истакнува дека допирните точки и соодветните паралели, кои би можеле да се повлечат помеѓу овие договори, имаат своја релевантност во доктринарно-методолошка смисла.

Тодоров истакнува дека сите овие договори имаат присутната аналогија со некои од постигнатите решенија во спогодбата од Преспа и тие се веќе применети во меѓународноправната практика.

Натаму, Тодоров наведува дека сите овие примери имаат, како со Преспанската спогодба, т.н. временска димензија, односно историски потврден ноторен факт дека за постигнување толку комплексни решенија се потребни огромен дипломатски напор и протек на време.

Според него, сите постигнати договори и решенија и споредба со договорот од Преспа имаат неоспорен заклучок, кој вели дека за ваков тип прашања времето за преговарање и за склучување договори се мери во децении, а во некои случаи и со векови.

Во меѓувреме, францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние и германскиот амбасадор Томас Герберих викендов имаа свое обраќање на национална телевизија, каде што полемизираа на темата „Колку Елисејскиот договор е сличен со договорот од Преспа?“.

Двајцата дипломати во телевизиската емисија заклучија дека договорите од овој тип се сметаат за дипломатски јазик со кој се искажува пријателство меѓу држави, кое истовремено се манифестира во дејствувањето на политичарите на земјите во позитивен правец.

Во овој контекст за забележување е и изјавата на поранешниот специјален пратеник на ЕУ во РМ, амбасадорот Ален Ле Роа, кој во рамките на панел-дискусијата во Министерството за надворешни работи изјави дека спогодбата од Преспа, како и секој друг меѓународен договор, не е совршен, но отвора можности и перспективи за напредок на земјата.

Тој направи споредба со Елисејскиот договор, кој во почетокот на 1963 година го потпишаа челниците на Франција и на Германија, и рече дека овој договор тогаш наидувал на критики, но од денешна перспектива се покажал како визионерски чекор, што овозможил двете земји, но и цела Европа, да тргнат кон мир, напредок и благосостојба.

Од друга страна, политикологот Милан Стефаноски вели дека многу е тешко и неблагодарно да се повлекуваат паралели меѓу други меѓународни документи и спогодбата од Преспа бидејќи, пред сѐ, нашиот пример е најверојатно и единствен во историјата, кој се однесувал на име и идентитет на една држава.

– Сума сумарум може да се каже дека Преспанската спогодба во својот текст содржи евидентни елементи од слични меѓународни договори, кои решавале тешка проблематика. Според моето мислење, во текстот на договорот е видлива претпазливоста на именувањето на инволвираните страни во процесот, а таков најевидентен пример може да најдеме во Дејтонскиот договор, кој ја оконча војната во Босна во начинот на кој се насловувани страните потписнички на договорот.

Истовремено може да се очекува дека овој текст на македонско-грчкиот договор ако се покаже за успешен низ годините и низ практиката, пак ќе биде основа преку која ќе се формираат и други идни договори меѓу држави, кои ја носат сличната голема тежина како нашиот проблем. Со некоја подобрена верзија на спогодбата од Преспа јас верувам дека е возможно во иднина да се реши и српско-косовскиот спор, доколку за тоа постои политичка волја како кај Грција и Македонија – вели Стефаноски.

Политикологот потсетува дека некои од меѓународните договори по нивното потпишување навистина резултирале со надминување на спорот, а таков пример, според него, е видлив во Елисејскиот договор меѓу Франција и Германија, но аналитичарот додава дека историјата бележи и помалку успешни меѓународни спогодби, а како таков пример може да се протолкува договорот за Кипар потпишан меѓу Британија, Турција и Грција по чие нострификување единствено прекинале воените тензии, а сѐ во земјата стангирало во иста точка како и пред потпишувањето.