Лидерот на СДСМ, Зоран Заев по завршувањето на седницата соопшти дека министер за внатрешни работи ќе биде Оливер Спасовски, за одбрана Радмила Шекеринска, а за правда Бојан Маричиќ. Благој Бочварски ќе раководи со Министерство за транспорт и врски, Јагода Шахпаска со ресорот за труд и социјална политика, а Ирена Стефовска ќе биде нов министер за култура. Венко Филипче останува министер за здравство, вицепремиерката Мила Царовска ќе раководи со Министерство за образование и наука, а досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања. Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата. Министерот за локална самоуправа ќе биде соопштен дополнително.

Заев нагласи дека се работи за професионални, одговорни, отчетни и посветени кадри кои во новиот, полн, четиригодишен мандат целосно ќе ги реализираат програмата и принципите.

Во новата влада, наместо 26, како досега, ќе има 19 министерства или седум помалку.

Според Заев, СДСМ на Централниот одбор констатира дека победија исправните и принципиелни политики кои земјата ја водат напред.

Приоритети на новата влада, рече Заев, ќе бидат економијата, судските реформи, капиталните инфраструктурни проекти, животната средина и вложувањата во здравството. Продолжува имплементацијата на договорите со Грција и Преспа, како и Охридскиот рамковен договор.

– Имавме доволно големина и јас и Ахмети, и СДСМ и ДУИ, да се согласиме јас да ја водам владата четири години, а последните сто дена премиер да биде предлог од ДУИ со заедничка согласност. Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото работење кое подразбира конструктивност, дијалог, респектирање на туѓо мислење базирано на аргументи и градење консензулана демократија, наместо паралелизам, етноцентризам и надгласување. СДСМ и ДУИ веќе ги усогласуваат своите изборни платформи во заеднилка четиригодишна владина програма – истакна Заев.

Заев го доби мандатот за составување нова влада во четвртокот минатата недела. Му го додели претседателот на државата Стево Пендаровски.