Со одобрение на авторот, „Нова Македонија“ ексклузивно, во десет продолженија, ги објавува извадоците од книгата „Луѓе, времиња“ во која долгогодишниот претседател на македонското собрание Стојан Андов ги открива своите впечатоци од средби со историските личности и настани во периодот од Втората светска војна до смртта на доживотниот претседател на некогашната СФРЈ, Јосип Броз-Тито. Од перспектива на младо момче од Кавадарци, студент и новинар во „Нова Македонија“, дипломиран економист и еден од највлијателните македонски политичари, кој своето животно и професионално искуство го стекнува во околности што сѐ уште ѝ се недоволно познати на пошироката јавност, со оваа книга Андов фрла нова светлина врз, како што вели и самиот, луѓето и времињата што се предмет на обработка. Книгата е дел од неговите политички мемоари, а деновиве, по повод неговиот 85-ти роденден, е објавена во издание на „Матица македонска“.

По неколку дена, одејќи на работа, едно утро, го повикав лифтот и чекав да стигне. Во меѓувреме некој ме потчукна по рамењата. Се свртив и го видов Врховец, расположен и поднасмеан. Се однесуваше како ништо да не било. Очигледно нашол за себе оправдување пред рускиот амбасадор што сепак ќе продолжат преговорите меѓу ЕЗ и СФРЈ. Цело време понатаму до завршувањето на преговорите кон Врховец се однесував како ништо да не било.
Кога вечерта меѓу 1979 – 1980 година, на пречекот на Нова година, му се слоши на Тито, со сопругата Марија, со нејзините браќа и сопруги ја чекавме Нова година во хотелот „Бисер“ во Струга. Таму беше и Благој Попов, претседател на Владата на Македонија. Беше извонредно добро расположен. Во еден момент некој од протоколот го извика Благој надвор. Оттаму го видов загрижен, дојде прво кај мене. И ми рече: „Стојан, тукушто ми кажаа дека Тито паднал тешко болен и итно го однеле во Љубљана, в болница. Тебе ти порачува Весо Ѓурановиќ веднаш да појдеш во Белград и на 2 јануари да бидеш во 10 часот во неговиот кабинет“.
Се пресече работата. Папса веселбата. Само продолжи предвидената лотарија. Откако и таа заврши, отидовме на спиење. Дотогаш времето беше суво, кога по неколку часа спиење рано утрото забележавме дека во Струга интензивно паѓа снег. Набрзина со Марија, како и сo нејзините двајца браќа и сопругите, без да појадуваме тргнавме за Скопје. Толку многу паѓаше снег што не можевме да возиме побргу од 40 км на час. На превојот Стража едвај нѐ пуштија да поминеме, бидејќи веќе го забранија сообраќајот. Стигнавме дома околу 11.30 ч. Каснавме нешто од нога, а Марија спакува јадење за по пат. Некаде околу 13 часот тргнавме за Белград. Владееше неверојатно силна виулица. Не можевме да одиме побрзо од 30-40 км на час.

На полноќ пристигнавме во Предајане. Мислевме дека го минавме најлошиот дел од патот. Одморивме малку, го испивме кафето и ни ги наполнија термосите со топло кафе за по пат, а ги наполнивме и резервоарите со бензин. Тогаш дури видовме дека најлошото не минало, туку дека допрва нѐ чека. Само што излеговме од Грделичка Клисура, наидовме на комплетно замрзнат пат, покриен со пресен снег. Таму не можеше да се оди побрзо од 30 км, бидејќи не смееше да се кочи. Ако некој излезеше од патот, којзнае како ќе успееше пак да се врати. Така беше до Белград. Во Белград стигнавме околу 9 ч. на втори јануари. Отидовме кај Стојан, брат ѝ на Марија, бидејќи нашите деца таму ја пречекаа Нова година, со баба им Надежда, мајка ѝ на Марија. Откако ги зедовме, отидовме дома. Се чувствувавме исцрпено. Но веднаш му се јавив на премиерот Ѓурановиќ по телефон, а тој ми рече утредента, на трети, да појдам кај него на состанок. Потоа вклучивме телевизија и ги видовме најновите вести за здравствената состојба на претседателот Тито. Цел ден бевме збунети.
Утредента, на трети јануари 1980 година, откако се подготвив и појадував, појдов во Владата кај Веселин Ѓурановиќ. Зградата беше празна, само дежурните службеници беа по ходниците. Отидов кај Ѓурановиќ, некако си ја честитавме Нова година, седнавме и Ѓурановиќ почна: „Овој случај со претседателот Тито е многу неочекувана работа, а може да донесе и некои опасни настани. Известени сме дека денеска, во Венеција, веќе се држи вонреден самит на НАТО. По дипломатски канали ни е соопштено дека ќе биде овластен италијанскиот премиер, како домаќин на самитот, на четврти јануари да ни ги пренесе најважните заклучоци од самитот на НАТО.

Консултациите во Претседателството на СФРЈ и на Претседателството на ЦК СКЈ, со мое учество, заклучија ти на четврти наутро, со малиот авион, во 10 часот претпладне да пристигнеш во Рим и некаде во 11 ч. да се сретнеш со Франческо Косига. Тој ќе ти ги каже основните пораки што треба да му ги пренесеш на нашето државно раководство“. Си реков дека и без тоа треба да патувам, околу половината на јануари во Рим, на средба и со Косига, а пред тоа со министерот за земјоделство на Италија, да се отстранат недоразбирањата и пречките со италијанското министерство за земјоделство во преговорите во Брисел. Тоа му го кажав на Ѓурановиќ. Не беше време да водиме некој долг разговор со Ѓурановиќ.
Тој само потсети дека пред Нова година советски воен контингент влезе во Авганистан. Таа воена интервенција и во ОН и во НАТО, но и кај нас, беше многу лошо примена. Затоа, рече Весо, нам ни е потребно прецизно да знаеме дали е можна интервенција на советските трупи по паѓањето на Тито во несвест, по оваа тешка болест во која падна Тито. Иако нашите оцени упатуваа на заклучок дека СССР нема да се реши на таков потег, имаше некои што сметаа дека во Југославија тајно постои некоја комунистичка партија, формирана во Црна Гора.

Суштината на она што ми кажа премиерот на Италија, Франческо Косига, е во следново: на самитот било заклучено ако од некаде биде извршен напад врз Југославија и ако југословенските легално избрани органи побараат помош од НАТО, тогаш НАТО ќе интервенира и ќе ја заштити независноста на Југославија

Тие предупредуваа дека е можна интервенција на Југославија. Таа комунистичка партија, иако малобројна и безначајна, може да повика трупи од СССР во Југославија. Затоа е многу важно за нас каков ќе биде ставот на НАТО во целата таа ситуација.
На четврти јануари 1980 година, во определеното време, се најдов во кабинетот на Косига. Почекав уште околу два часа, кога тој дојде. Ми се извини за доцнењето, ама ми рече дека расправата во Венеција била долга и напната. Завршила некаде во четири часот наутро. Како домаќин на самитот останал уште неколку часа со некои од шефовите на делегациите. „Стигнав дома, се подготвив набрзина за да стигнам побргу, да не чекате предолго.“

Суштината на она што ми кажа премиерот на Италија, Франческо Косига, е во следново: на самитот било заклучено ако од некаде биде извршен напад врз Југославија и ако југословенските легално избрани органи побараат помош од НАТО, тогаш НАТО ќе интервенира и ќе ја заштити независноста на Југославија. Разговорот траеше повеќе од предвиденото. Во разговорот тој го спомена случајот во Чехословачка, кога силите на Варшавскиот пакт влегоа и ја окупираа Чехословачка по повик од некои „здрави сили“ во земјата, а не од легално избраните власти. Сфатив дека и тие во НАТО размислуваат за некој можен повик од „здрави сили“ од Југославија, со барање за интервенција од Варшавскиот пакт.

(Утре: „Тито знаеше да молчи и да слуша“)