Фото: Архива

Како што објаснуваат надлежните, ова државно тестирање е сосема различно од екстерното тестирање, кое неколку години последователно се реализираше кај нас. Уверуваат дека резултатите нема да влијаат на успехот на учениците, ниту на платите на наставниците, туку ќе се користат за креирање образовни политики

ПИЛОТ-ПРОЕКТ ЗА ТРЕТООДДЕЛЕНЦИ

Во втората половина на мај ќе се реализира национално или државно тестирање, кое ќе ги замени екстерните тестови што се полагаа до пред неколку години. Надлежните уверуваат дека резултатите од ова тестирање нема да влијаат на успехот на учениците, туку ќе се користат за креирање образовни политики. Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар, вели дека и меѓународните тестирања се прават на хартија, а не онлајн.
– Тестирањето ќе се спроведе со физичко присуство за учениците од трето одделение, бидејќи тие и онака настава следат со доаѓање на училиште. И меѓународни тестирања кога се реализираат, се прават на хартија, а не на компјутер. Не само нашата држава туку и други држави во светот не се подготвени електронски да спроведат вакво тестирање, бидејќи треба да се обезбеди компјутер за секој ученик, треба силна и стабилна интернет-врска. Затоа тоа ќе го правиме некаде во втората половина на мај, кога ќе има поблагопријатни услови од сегашните, со одредени протоколи, со отворени прозорци, со помал број ученици внатре во училниците. Ќе бидат помалку деца, на одредена дистанца – вели директорката.

Таа истакна дека ова државно тестирање е сосема различно од екстерното тестирање.
– Со резултатите од ова тестирање ќе правиме анализи во однос на тоа какви се постигнувањата на учениците, кои се влијанијата и како да има подобрување во системот. Ќе има и анкетни прашалници, ќе се прави попродлабочена анализа за тоа зошто резултатите се такви какви што се. Учениците ќе се тестираат за јазични вештини и за математичка писменост, односно ќе имаат тест по мајчин јазик и по математика. Оваа година е само пилотирање, а од следната година државни тестови ќе има за третоодделенците, петтоодделенците и деветтоодделенците – рече Наумовска.
Македонските ученици веќе учествуваат на меѓународни тестирања, кои главно бараат критичко и логичко размислување, како и да се разбере тоа што се чита.
– Кај нас прашањата се фактографски, односно наставниците го бараат на тест она што е во учебникот. На државниот тест ќе имаат текст, па ќе треба да кажат што разбрале од него. Обучуваме и наставници што ќе ги прегледуваат тестовите.

Формирани се работни групи, кои ги направија прашањата, а наставниците што ги сочинуваат работните групи беа одбрани на конкурс. Поентата е да извршиме самоевалуација на нашиот образовен систем, пред да ги пуштиме учениците на меѓународно тестирање. Веќе ќе имаат искуство и ќе им биде познат ваквиот пристап – додава Наумовска.
Во пилот-тестирањето ќе учествуваат 4.000 ученици во трето одделение од училиштата низ државата што следат настава на македонски и на албански јазик, а ќе бидат избрани по случаен избор.


МОН: Тестирањето ќе даде објективни податоци

Основна цел на државното тестирање е преку користење стандардизирани процедури и инструменти да даде објективни и веродостојни податоци за остварувањето на стандардите на постигнувањата на учениците за наставни подрачја и наставни предмети од особена важност во текот на основното образование, информираат од Министерството за образование и наука.
– Ваквите податоци ќе обезбедат докази за развој и унапредување на образовните политики, во насока на достигнување на современите светски образовни стандарди. Резултатите од тестирањето, односно резултатите од тестовите на учениците нема да имаат никакво влијание врз нивните оценки, ниту пак реперкусии врз работата на наставниците. Едноставно, ќе се користат како индикатори во која насока треба да се креираат и менуваат образовните политики во иднина – појаснуваат оттаму.
Главното тестирање ќе се спроведе следната година.