Фото: Игор Бансколиев

Истражувањето, кое опфатило 50 илјади пациенти хоспитализирани поради ковид-19, покажало дека коронавирусот и на преживеаните им остава сериозни здравствени последици

ОПСЕЖНА НАУЧНА СТУДИЈА НА „БРИТИШ МЕДИКАЛ ЖУРНАЛ“

Додека фокусот во текот на времетраењето на пандемијата на ковид-19 е на бројот на смртни случаи што се случуваат како последица на ковид-19, многу малку се зборува за оние што го преживеале вирусот, како и за тоа дали и во колкава мера тие имаат здравствени последици, односно колку им е здравјето загрозено по преболувањето. Во оваа насока, од особена важност е објавената опсежна медицинска студија што ја објави „Бритиш медикал журнал“, а која ги испитувала последиците што ги остава коронавирусот на човечкото здравје откако „ќе помине“.
Во ова истражување, кое опфатило 50 илјади пациенти хоспитализирани поради ковид-19, нивните детални медицински податоци по болеста се споредени со контролната група луѓе што немале коронавирус. Заклучоците се дека коронавирусот и на преживеаните им остава сериозни здравствени последици.
Податоците покажуваат дека во рок од 140 дена по болеста, дури 30 отсто од ковид-рековалесцентните (закрепнувачки пациенти) се повторно хоспитализирани, и тоа четири пати почесто од луѓето што немале коронавирус. Еден од десет пациенти што биле во фаза на закрепнување, во истиот период починале, а смртта била дури осум пати почеста одошто во другата „некоронска“ група.

Последици што траат со месеци

Респираторните болести, дијабетесот и кардиоваскуларните болести исто така биле значително почести кај пациентите што закрепнуваат, а се истакнува и дека овие здравствени ризици не се ограничени само на повозрасното население. Препораките од студијата на „Бритиш медикал журнал“ гласат: дијагнозата, лекувањето и превенцијата на постковид-синдромот бара интегрален пристап, а не анализа на влијанието на поединечни органи или болести. Потребни се итни нови истражувања за да се утврдат сите ризик-фактори.
Наспроти скептицизмот кај луѓето што го негираат ковид-потенцијалот на смртност кај секој починат пациент што имал и некоја друга болест (коморбидитет), стои медицинска студија од Обединетото Кралство, која говори дека ковид-19 убива месеци откако ќе се преболи.
Многу од населението се јавува на лекар поради постковид-синдром. Симптомите врзани за овој синдром ги вознемируваат, оневозможуваат нормално да функционираат и траат со недели, а некогаш и со месеци. Најчести симптоми што се јавуваат кај пациентите по преболена акутна фаза на ковид-19 се хроничен умор, малаксаност, нарушување на помнењето и на концентрацијата, главоболки, несоница и губење на косата.

Даниловски: Историјата со шпанскиот грип се повторува

Проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет вели дека постковид-синдромот се пројавил како еден посебен нозолошки ентитет.
– За жал, се покажа дека вирусов воопшто не е толку наивен, како што се трудеа од петни жили да го претстават многумина – меѓу нив и доктори во светот и (за жал) кај нас. Тоа е една комплексна состојба, кога се доживуваат повторно симптоми од различни органски системи (белите дробови, крвниот систем, бубрезите, нервниот систем итн.), која се јавува откако акутната болест ќе заврши. За жал, се јавува и кај дел од оние што поминале сосема лесно. Студијата убаво заклучува дека е потребен интегрален пристап во третманот, а не да се приоѓа изолирано на одделни органски системи – вели Даниловски.
Тој се плаши дека ќе се повтори историјата, кога слично нешто се случувало по пандемијата на т.н. шпански грип во 1918-1921 година.
– По завршување на пандемијата, болниците во Европа и во Америка биле полни со пациенти со хронични здравствени проблеми од различна природа. И тоа така траело до средината на триесеттите години од векот. Веројатно исто ќе биде и сега. Во наредните десетина години треба да очекуваме зголемен број на хронични незаразни заболувања, што веќе се именува како постковид-синдром или „долг“ ковид – додава професорот.

Се покажа дека вирусов воопшто не е толку наивен, како што се трудеа од петни жили да го претстават многумина – меѓу нив и доктори во светот и (за жал) кај нас. Тоа е една комплексна состојба, кога се доживуваат повторно симптоми од различни органски системи (белите дробови, крвниот систем, бубрезите, нервниот систем итн.), која се јавува откако акутната болест ќе заврши. За жал, се јавува и кај дел од оние што поминале сосема лесно, вели проф. д-р Драган Даниловски

Отежнато дишење и низа други симптоми

Д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, вели дека во неколку студии статистички е докажано дека значаен дел пациенти со ковид-19 продолжуваат да се справуваат со истоштеност и отежнато дишење дури и по неколку недели од нивното официјално оздравување.
– Светската здравствена организација објави дека симптомите како премореност и отежнато дишење може да траат со месеци или да се вратат многу подоцна. Најчесто тоа се случува кај повозрасните што имале коморбидитети и прележале тежок облик на болеста, но такви симптоми се забележани и кај оние што поминале со полесна форма на ковид-19, па дури и кај помладата популација. Постарите луѓе и луѓето со многу сериозни медицински состојби имаат најголема веројатност да имаат долготрајни симптоми на ковид-19, но дури и млади инаку здрави луѓе може да се чувствуваат лошо со недели и месеци по инфекцијата. Другите симптоми што можат да се појават во периодот на рехабилитација и да траат подолг период се: кашлица, болки во зглобовите, болка во градите, главоболка, брзо чукање на срцето, губење на мирисот или вкусот, проблеми со концентрацијата или спиењето, исип или опаѓање на косата – вели Мехмедовиќ.

Освен белите дробови, може да страдаат и срцето, мозокот, бубрезите…

Докторите кај нас, од она што го имаат како искуство со пациентите, велат дека значаен дел од оние што го поминале вирусот, продолжуваат да се справуваат со отежнато дишење, но и други здравствени проблеми откако ќе прележат ковид-19. Иако се смета дека вирусот првенствено ги напаѓа белите дробови, оваа болест може да зафати и многу други органи, вели д-р Мехмедовиќ.
– Оштетувањето на органите може да го зголеми ризикот од долгорочни здравствени проблеми. Органите врз кои може да влијае ковид-19 се срцето, белите дробови, мозокот, бубрезите, црниот дроб. Кардиоваскуларната дијагностика на неколку месеци по закрепнувањето од ковид-19 покажа трајно оштетување на срцевиот мускул дури и кај луѓе што имале само лесни симптоми на ковид-19. Ова може да го зголеми ризикот од срцева слабост или други срцеви компликации во иднина. Дури и кај млади луѓе, ковид-19 може да предизвика мозочни удари и Гилен-Бареов синдром – состојба што предизвикува привремена парализа. Ковид-19 исто така може да го зголеми ризикот од развој на Паркинсонова и Алцхајмерова болест – вели Мехмедовиќ за „Нова Македонија“.
Тој вели дека внимателно се следи состојбата на луѓето што ја имале инфекцијата за да се види како функционираат нивните органи/системи по закрепнувањето.
– Веројатно е дека ќе има потреба од отворање големи медицински центри за да се обезбеди грижа за луѓето што имаат постојани симптоми откако ќе закрепнат од ковид-19. Важно е да се запамети дека повеќето луѓе што имаат ковид-19 брзо закрепнуваат. Но потенцијалните долготрајни здравствени проблеми од ковид-19 се причина повеќе да се намали ширењето на болеста преку следење на мерките за претпазливост, како што се носење маски, избегнување контакти и одржување лична хигиена – додава тој.


„Лансет“ предупреди за последиците

Пред неколку месеци беа објавени повеќе истражувања во „Лансет“, а според нив, повеќе од три четвртини од луѓето што биле хоспитализирани поради ковид-19 имале барем еден постојан симптом шест месеци откако првично не се чувствувале добро. Научниците што ја направиле студијата ги проучувале и ги разгледувале долгорочните ефекти на инфекцијата врз пациентите во болницата „Јинитан“ во Вухан, кинескиот град од каде што започна ширењето на ковид-19.
Вкупно 1.733 пациенти, со просечна возраст од 57 години, беа испитувани во периодот помеѓу јануари и мај минатата година, со последователни проверки правени од јуни до септември. Истражувачите откриле дека 76 проценти од пациентите сепак покажале барем еден тековен симптом поврзан со болеста шест месеци подоцна. Најчестите долгорочни симптоми вклучуваат замор или мускулна слабост (63 отсто од пациентите), тешкотии во спиењето (26 отсто) и вознемиреност или депресија (23 отсто).


86.955 хоспитализирани пациенти со ковид-19 во текот на
времетраењето на студијата
10.065 пациенти примени на интензивна нега
76.890 пациенти што не биле на интензивна нега

5.325 исклучени
4.685 починале во болница
205 години и пол непознати
435 не одговараат на контролите

33.860 исклучени
28.475 починале во болница
955 години и пол непознати
4.430 не одговараат на контролите

4.745 анализирани пациенти на интензивна нега
43.035 анализирани пациенти што не биле на интензивна нега

47.780 анализирани пациенти со ковид-19