На посвојување чекаат 120 деца и 307 посвоители, од кои 51 се странски државјани. Од 1 јануари до 31 август годинава се посвоени 12 деца, од кои две се посвоени од страна на роднини. Во 2019 година биле посвоени вкупно 47 деца, од кои четири биле посвоени исто така од страна на роднини и едно дете било посвоено од брачен другар. Надлежните брифираат за свои лични неброени сведоштва на најдлабоки емоции каде што со првиот контакт при посвојувањето веднаш доаѓа до обострано поврзување меѓу детето и посвоителите, па дури и да станува збор за петмесечно бебе. Едноставно не може да се оттргнат еден од друг. Велат дека тоа не се опишува, тоа е исконска љубов на прв поглед…

Дали сложените процедури го отежнуваат најблагородниот момент за станување родител со посвојување

Во моментов во земјава 120 деца чекаат на посвојување, чекаат да добијат родители, свое потесно семејство каде што ќе бидат родителски сакани, растени, воспитувани… Познавачите на оваа област велат дека во интерес на децата е тие да бидат посвоени на што порана возраст, а ако е возможно, идеална опција, според нивното искуство, е детето да се посвои уште додека има само три месеци. Во истата насока, надлежните потврдуваат дека и потенцијалните посвоители најмногу се заинтересирани токму за посвојување дете на помала возраст.

Макотрпен пат за оние што ќе се решат да станат родители на посвоени деца

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека во регистарот на можни посвоители се запишани 307 посвоители, од кои 51 се странски државјани. Макотрпен е патот на оние што ќе се решат да станат родители на посвоени деца, затоа што не е доволна само желбата за посвојување. Тука е поднесувањето низа документи, а потенцијалните посвоители дури и да ги достават сите документи, од стручните служби ќе бидат следени четири месеци за да се донесе процена дали се подобни да бидат посвоители. Но која е постапката за посвојување дете и кои критериуми треба да ги исполнат двојките?
– Условите и постапката за посвојување дете се утврдени во Законот за семејството и во согласност со законот посвоител може да биде лице што е деловно способно, кое има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постаро од 45 години. Посвоителот мора да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Меѓутоа, по исклучок како посвоител може да се јави и лице што е постаро од 45 години, но старосната разлика меѓу посвоителот и посвоеникот не смее да биде поголема од 45 години. Брачни другари можат да се јават како посвоители ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница.

Во согласност со Законот за семејството посвоител не може да биде лице на кое му е одземено или ограничено родителското право, како и лице на кое му е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеца, потоа лице на кое му е ограничена или одземена деловната способност или лице за кое постои основано сомневање дека положбата на посвоител ќе ја употреби на штета на посвоеникот. Не може да биде посвоител ниту лице што е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој, како и лице што боледува од болест што може да ги доведе во опасност здравјето и животот на посвоеникот. Не може да посвои дете ниту лице чија физичка попреченост е од таков степен што може оправдано да се сомнева во можноста да се грижи за детето, ако е постаро од 45 години, ако е зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол, лице што има тешко хронично заболување или е болно од неизлечива заразна болест и ако мислењето на стручниот тим на Центарот за социјална работа е негативно во однос на можноста тие лица да бидат родители – информираат од Министерството за труд и социјална работа.

Бодување на двојките што се пријавуваат како можни посвоители

Оние што сакаат да започнат постапка за посвојување дете најнапред мора да поднесат барање до Комисијата за засновање на посвојување при Министерството за труд и социјална политика. Кон барањето е потребно да приложат и соодветни документи, како уверение за државјанство, изводи од матичната книга на родените и на венчаните, лекарско уверение за здравствената и психофизичката способност, уверенија дека не се лишени од родителско право, дека не се осудувани, дека не им е одземена деловната способност, како и уверение за материјалната состојба. Исто така, можните посвоители мора да достават и доказ за сопственост на стан, потврда за завршено образование и документ за месечните примања и други приходи со кои располагаат. Инаку, двојките што се пријавуваат како можни посвоители се бодуваат и за секој од утврдените критериуми е определен број на поени што се дадени во правилник, а максималниот број што можат да се добијат со исполнување на сите критериуми изнесува 100 поени. Сопружниците задолжително доставуваат оригинални документи, а ако имаат фотокопија од некој мора да е заверена кај нотар. Важноста на документите е една година, што значи дека по истекот на овој временски рок ќе треба да обезбедат нови.

– Барањата за посвојување заедно со потребните документи ги разгледува Комисијата за засновање на посвојување. Во случај да се доставени сите потребни документи, комисијата доставува копија од предметот до Центарот за социјална работа според местото на живеење на странката. Центарот за социјална работа по приемот на предметот ја започнува постапката на континуирано следење на странките за процена на нивната подобност и мотивот за посвојување. Оваа постапка трае четири месеци. По истекот на овој рок Центарот за социјална работа доставува предлог до комисијата дали странките треба да се запишат во регистарот на можни посвоители. Комисијата има рок од 1 месец да го разгледа предлогот и доколку истиот тој е позитивен донесува одлука за упис во регистарот на можни посвоители. Одлуката се доставува до Центарот за социјална работа, а на странките им се доставува известување дека се запишани. Во согласност со Законот за семејството, изборот на посвоител за конкретно дете се прави по електронски пат – појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

И адаптивниот период на посвоителите со детето е исклучително битен

Комисијата за засновање на посвојување од увидот во документите и од податоците што се внесени во електронската програма, врши избор на најсоодветен посвоител од првите три можни посвоители од листата на електронската програма, за што донесува решение во согласност со законот. И тука не завршува сѐ, бидејќи следува предвидениот и задолжителен адаптивен период за посвоителите, кој трае два до три месеци. Тука се вклучуваат службените лица од Центарот за социјални работи, кои го следат сместувањето на детето во семејството на избраните посвоители. По истекот на адаптивниот период, Центарот за социјална работа доставува мислење до комисијата дали детето да се посвои од избраните посвоители. Доколку мислењето на Центарот за социјална работа е позитивно, комисијата свикува седница на која ќе се заснова посвојувањето, како и се донесува решение за засновање на посвојувањето. Во согласност со законските одредби, кај нас посвојувањето е тајно, заснованото посвојување не може да се раскине и со него настануваат односи како со раѓање.
– Моментот кога детето им се предава на посвоителите е многу емотивен. Веднаш доаѓа до поврзување на детето со еден од посвоителите, па дури и да станува збор за петмесечно бебе. Едноставно не можеме да го оттргнеме, тоа не се опишува, тоа е љубов на прв поглед, така беше и со последниот скорешен случај.

Тој емотивен момент го преживуваме и ние вработените, секогаш го имаме оној страв дали ќе се поврзат. Но досега сите се многу среќни и весели деца. Добро е што немаме веќе деца по институции и уште од денот кога во болница некоја мајка ќе се откаже од своето дете, тоа се носи во згрижувачко семејство и тие полесно се адаптираат. Овие деца чекаат да добијат мама и тато. Штом ќе добијат, започнува да тече адаптацискиот период, кој најмалку трае два, а најмногу четири месеци. Во првата недела тимот што работи на оваа проблематика оди ненајавен во домот на посвоителите. И она што сега се забележува е дека се спушти старосната граница на оние што носат одлука за посвојување дете и ако порано во Регистерот за посвојување се запишуваа оние со над четириесет години сега имаме и на возраст од над триесет години – вели Наташа Станојевиќ, директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Скопје.

Во земјава од 1 јануари до 31 август годинава се посвоени 12 деца, од кои две се посвоени од страна на роднини. Во 2019 година биле посвоени вкупно 47 деца, од кои четири биле посвоени исто така од страна на роднини и едно дете било посвоено од брачен другар.
Од 120 запишани деца во регистерот на можни посвоеници, 23 се со поволни развојни потенцијали, 30 деца се со лесно отстапување во психомоторниот развој, а 30 деца се со средно отстапување во психомоторниот развој. Со тешка психомоторна попреченост се 37 деца. Во 2019 и 2020 година не е евидентирано посвојување на дете во странство од странски државјани.