Македонската академија на науките и уметностите, во неделата, 15 ноември, објави промеморија за државноста и идентитетот на македонскиот народ. Со промеморијата, МАНУ дава поддршка на „напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ“, нагласувајќи дека притоа не треба да се отстапи од принципите на „меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет“

Кристално чиста и јасна позицијата на МАНУ

Во пресрет на денешниот министерски совет на ЕУ, на кој се очекува официјализирање на бугарската најава за вето за преговарачката рамка за Македонија, Македонската академија на науките и уметностите, во неделата, 15 ноември, објави промеморија за државноста и идентитетот на македонскиот народ. Со промеморијата, МАНУ дава поддршка на „напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ“, нагласувајќи дека притоа не треба да се отстапи од принципите на „меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет“. Духот што преовладува во текстот на промеморијата на МАНУ наведува дека поддршката за интегрирање во ЕУ е само под услов да се зачуваат идентитетот и државотворноста на македонскиот народ, како и признавање на македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности, кои имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години).
Важноста на оваа промеморија пред ефектуирањето на заканата за вето од Софија е во јасната позиција на МАНУ, како врвна македонска научна институција.


МАКЕДОНСКА АКАДЕМИЈА НА НАУКИТЕ И УМЕТНОСТИТЕ
ПРОМЕМОРИЈА ЗА ДРЖАВОТВОРНОСТА И ИДЕНТИТЕТОТ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

Имајќи ги предвид:
– Повелбата на ОН и универзалните придобивки кои произлегуваат од неа, посебно член 1, став 2 кој го гарантира правото на самоопределување како темелно начело на меѓународното право со еrga omnes статус;
– Лисабонскиот договор (член 2, став 3, алинеја 4) со кој се инсистира на почит кон богатиот културен и јазичен диверзитет на Европа;
– Меѓунaродниот пакт за економски, социјални и културни права (1960) и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (1960) кои го реафирмираат правото на сите народи на самоопределување како задолжително (jus cogens);
– Уставот на Република С Македонија кој во членот 8 утврдува дека една од темелните вредности е почитувањето на нормите на меѓународното право, а со амандманите XXXV и XXXVI кон членот 3 гарантира дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, како и дека „Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ“;

Потсетувајќи дека:
– правото на самоопределување на народите е неразделно од државниот и национален идентитет;
– македонскиот народ ја искажувал и ја докажувал научно посебноста на својот историски, културен, јазичен, политички идентитет во континуитет, а особено во текот на 19 и 20 век, во текот на својата борба за национално ослободување и државно осамостојување, како и во рамките на македонската република во составот на југословенската федерација (1945 – 1991), односно во рамките на независна и суверена Република Македонија (1991 – 2019);

Повикувајќи се на:
– Промеморијата на МАНУ во врска со спорот околу името на Македонија од 2002 година;
– Декларацијата на МАНУ за македонскиот јазик од 5 декември 2019 година;
Претседателството на Македонската академија на науките и уметностите ги поддржува напорите на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ, залагајќи се, притоа, за почитување на:
– меѓународните повелби и конвенции од коишто произлегуваат и неотуѓивите и суверени права на македонскиот народ на самоопределување, тесно поврзани со неговиот државотворен статус и национален, историски, културен и јазичен и номинален идентитет;
– резултатите од легитимните пописи на населението изведени во неколку наврати во некогашната Федеративна Република Југославија (1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991) и во Република Македонија (1994, 2002), кога Македонците по своја слободна волја се изјасниле за припадници на посебен етнички и национален ентитет;
– резултатите од двата референдума, во 1991 и во 2018 година, кои ја озаконија свеста и волјата на македонските граѓани и на македонскиот народ и го легитимираа нивното неприкосновено право на самоопределување и самоименување;
– сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки, современата светска славистика и лингвистика, современата светска историска наука, и меѓународното право, според коишто:
македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен континуитет (македонските дијалекти постојат и надвор од границата на денешна Македонија) и временски континуитет (македонскиот јазик опстојувал повеќе стотици години);
македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор;
– достоинството на македонскиот народ.

Претседателство на Македонската академија на науките и уметностите
Скопје, 15 ноември 2020 г.