Фото: Архива

Лидерот на СДСМ и актуелен премиер, Зоран Заев, ќе побара од органите на партијата во вторник да бидат свикани Централниот и Извршниот одбор со цел да се констатира неговата оставка и да почне постапката за избор на нов лидер.

Заев рече дека идниот партиски лидер би требало да биде и идниот мандатар на новата влада.

„Логично е СДСМ да го искористи овој период и да го избере својот претседател. Затоа ќе побарам од органите и телата на партијата да бидат свикани Централниот и Извршниот одбор во вторник за да се констатира мојата оставка и веднаш да почне постапката за избор на нов претседател на СДСМ“, рече Заев и додаде дека зборот е збор и ќе се радува да дочека ваква големина и даден збор од други политичари.

Ако се успее во целиот овој период СДСМ да има избрано претседател, рече Заев, тој би требало да биде идниот мандатар, односно да предложи нова влада.

„Кога имате нов мандатар, треба да имате и нова влада, а не реконструкција на Владата“, нагласи Заев.