Фото: Игор Бансколиев

Познавачите на состојбите велат дека при носењето на одлуките за вонредна состојба во Македонија се случила чудна правна ситуација со временски вакуум, која ја довела под прашалник важноста на уредбите донесени од Владата

Осумдневната вонредна состојба што претседателот Стево Пендаровски ја прогласи за да се спроведат неопходните подготовки за организација на предвремените парламентарни избори на 15 јули истече синоќа на полноќ, а дилемата што се јавува во јавноста е каков е ефектот од петте одлуки за прогласување вонредни состојби, две по 30 дена, две по 14 дена и една од осум дена.
Изборите првично требаше да се одржат на 12 април, но поради корона-кризата и прогласувањето на првата вонредна состојба во март, со владина уредба изборните дејства беа прекинати.

Во меѓувреме, по благото затишје на епидемијата во земјава некаде кон крајот на април, од мај почнува нов пик, кој од ден на ден станува сè поголем, а Македонија и покрај долгата вонредна состојба во земјата е лидер на Балканот според бројот на заразени и починати од ковид-19.
Од тие причини прашањето што сега си го поставува јавноста е дали воопшто имаше потреба од носење одлука за прогласување вонредна состојба кога ситуацијата воопшто не се подобри, туку напротив, драстично се влоши.
Покрај тоа, имаше и тврдења дека дел од уредбите што ги носеше Владата воопшто не се поврзани со корона-кризата, туку во време на вонредна состојба се протнувале уредби со законска сила заради политички или други интереси.

Познавачите на состојбите велат дека при носењето на одлуките за вонредна состојба во Македонија се случила чудна правна ситуација со временски вакуум, која ја довела под прашалник важноста на уредбите донесени од Владата.
За професорот Борче Давитковски сите уредби со законска сила што досега ги донела Владата не треба да важат бидејќи не се потврдени од Собранието.
– Кога престана вонредната состојба во саботата, владините уредби престанаа да важат и во меѓувреме се создаде вакуум од два дена до прогласување на нова вонредна состојба од страна на претседателот заради изборите. Во меѓувреме, претседателот прогласи нова вонредна состојба и во неговата уредба не беше напишано што со уредбите што претходно беа донесени, а Владата не ги потврди, така што според Уставот тие не треба да важат – вели Давитковски.

Тој додава дека на ваквата ситуација требало да реагира и Уставниот суд.
– Уставниот суд требаше да каже дека поради вакуумот тие уредби не треба да важат. Штом престане вонредната состојба, уредбите ги потврдува Собранието или, во спротивно, не важат – нагласува Давитковски.
Според него, сите уредби што се донесени за време на вонредната состојба, а не се поврзани со пандемијата не треба да важат, а евентуална нова ескалација на здравствената криза може да се реши со прогласување на нова вонредна состојба.
И адвокатот Ѕвонко Давидовиќ е со сличен став. Тој смета дека нашите политичари се навикнале на некој чуден начин да ги изигруваат законите.

– Се создаде една чудна правна ситуација што досега не сме ја имале. Во вонредна состојба уредбите ги носи Владата и тие се потврдуваат од Собранието. Бидејќи ние немаме Собрание, тие уредби не може да бидат во сила по укинувањето на вонредната состојба – вели Давидовиќ.
Според него, сериозен проблем е што голем дел од уредбите немаат никаква врска со пандемијата на коронавирусот и за тоа некој треба да понесе одговорност.
– Донесени се многу уредби што немаат врска со вонредната состојба, а за тоа некој треба да се повика на одговорност, особено ако некоја уредба предизвика штета врз буџетот. Нашите политичари се навикнаа да ги изигруваат законите, но време е правната држава да почне конечно да функционира – категоричен е Давидовиќ.