Впечатокот што доминира и по дваесет години, дека поради некаков привиден мир во државата и општеството, конфликтот од 2001 година се „поттурнува под рамковниот тепих“, уште веднаш се аргументира со состојбата дека и денес дури не е ни дефиниран карактерот на судирот. Поради тоа, во јавниот дискурс сѐ уште е присутна дилемата каков термин да се употреби. И не само термин туку и третман, врз основа на што би се граделе идните политички односи. Во првите мигови на агресивните дејства од 2001-та во Македонија, меѓународната заедница, всушност тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, настаните ги квалификува како терористички напад. Со текот на времето, токму тие крвави терористички напади и воената агресија однадвор, внатрешниот фактор под притисок на меѓународната заедница, ги трансформираа карактерот и статусот на конфликтот, легитимирајќи ги агресорите и терористите во нешто сосема друго, според меѓународното право. Нашите институции останаа сѐ уште недоречени

Дваесет години од агресијата врз Македонија, суверенитетот, територијалниот интегритет и врз граѓаните

Доколку постоеја очекувања во 2001 година, по потпишувањето на Охридскиот договор, дека минувањето на времето ќе даде одредени одговори, или барем ќе ги релативизира прашањата за воениот конфликт што се случи таа година во Македонија, денес, дваесет години подоцна, се чини дека барањето одговори и понатаму како да се избегнува, но неговите жртви и суровоста во начинот на нивната егзекуција не оставаат совест да бидат релативизирани. Неодамнешното потсетување и оддавање почит на осумтемина масакрирани припадници на безбедносните сили, на 28 април 2001, кај тетовското село Вејце (шестмина беа тешко ранети), и контроверзните реакции во актуелниот политички дискурс за таквото одбележување, ги активира прашањата – ја бара ли некој во Македонија и дали му е потребна вистината и правната и вистинска институционално-политичка разврска за конфликтот од пред две децении. Некои од фактите што би можеле да се наведат како некаква разврска од 2001 година се: Охридскиот рамковен договор, имплементиран во македонскиот устав; четири случаи што од Македонија беа испратени во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, со квалификација на воени злосторства беа вратени за да бидат процесирани во домашното законодавство… Сепак, на домашен план, таквата препорака од Хаг беше политички решена со амнестија за сите учесници во конфликтот!?

Утврден ли е карактерот на воениот конфликт од 2001-та?

Впечатокот што доминира и по дваесет години, дека поради некаков привиден мир во државата и општеството, конфликтот од 2001 година се „поттурнува под рамковниот тепих“, уште веднаш се аргументира со состојбата дека и денес дури не е ни дефиниран карактерот на судирот. Поради тоа, најчесто и во навраќањата на конфликтните настани од тој период, во јавниот дискурс сѐ уште е присутна дилемата каков термин да се употреби. И не само термин туку и каков третман да добие конфликтот. И од правен и од институционално-политички аспект, бидејќи токму од прецизното дефинирање на карактерот на судирот и неговиот третман, во голема мера ќе зависи и развојот на понатамошните политички односи во земјава, а со тоа и севкупната генерална насока на надворешнополитичките односи на Македонија. Да не заборавиме, во првите мигови на агресивните дејства од 2001-та во Македонија, меѓународната заедница, всушност тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, настаните ги квалификува како терористички напад. Тогаш, зошто денес и понатаму се замаглува (иако е чиста и јасна фактичката состојба) дали стануваше збор за агресија од надвор, терористички напад, уривање на уставниот поредок и државата во комбинација од надворешен и внатрешен непријател, прекројување граници со сецесија, контролиран оружен судир од локални размери, но со широко геополитичко значење…
– Намерно е доведена под прашање квалификацијата на оружените дејства од 2001 година. За овие 20 години, во теоријата можеа да се најдат одговори. До квалификација може да се дојде и според бројот на жртвите, местата и начинот на одвивање на конфликтот… Теоријата укажува дека ескалација на латентен во оружен конфликт може да дојде кога некој се бори за допир до ресурсите – вели Оливер Андонов, универзитетски професор на Воената академија.
Според Андонов, извршената етнополитичка мобилизација во 2001 година се заснова на прикриени активности, дефинирани како борба за ресурси. Но по завршувањето на конфликтот се покажа дека борбата за пристап до ресурсите не била за инфраструктура во корист на сите туку само за елитата, предводниците на конфликтот. Андонов смета дека доказ за тоа е што набрзо по конфликтот воената формација ОНА се трансформира во политичка партија ДУИ, која оттогаш речиси постојано е дел од власта и има речиси неограничен пристап до државниот буџет, но само за лидерите.

– Вториот аспект на конфликтот од 2001 година е правење состојба за сецесија на дел од територијата на Македонија, за што, покрај оружените дејства, беа спроведувани и етничко чистење и разурнување на симболни објекти на другиот етникум. Според бројот на жртвите (иако сѐ уште не се знае точниот број на жртвите од агресорската страна), конфликтот од 2001 година е внатрешна (граѓанска) војна врз етничка основа, со вмешување и на странска држава и протекторат. Третиот елемент е прелевање на конфликтот, односно тој се случуваше на простор каде што има допирни територии на Македонија со Албанија и Косово. Без таква логистика, тешко дека конфликтот ќе добиеше такви размери и ќе дојдеше до таква разврска – вели професорот Оливер Андонов.
Андонов смета дека и дваесетина години подоцна, Македонија постојано е во етнополитички конфликтен процес, кој трае и кој постојано преминува од латентен во ескалација, па деескалација. Според него, тоа ќе трае додека не се променат парадигмите на однесување на тие што се на власт и да се насочат на неселективен прогон на криминалот и корупцијата.

Има ли правна и вистинска институционално-политичка разврска за конфликтот од пред 20 години?

– Кога се прогласува амнестија, значи дека нема утврдување вина. Ако идејата била да се смири тензијата, државата ја избрала амнестијата како еден од начините да го постигне тоа – цени Маргарита Цаца-Николовска, судијка со богато искуство во меѓународното право и поранешна судијка на Европскиот суд за човекови права.
Сепак, судијката Цаца-Николовска укажува на еден особено контроверзен и несоодветен однос и спрема самата амнестија од амнестираните. Тоа се манифестира со сквернавење на спомен-обележјата на жртвите од конфликтот од страна на амнестираните, како при неодамнешното одбележување на годишнината од загинатите во Вејце.
– Навистина, кај амнестијата нема барање вина и виновници, на ниту една страна од конфликтот. Но непочитувањето на жртвите во конфликтот наведува дека едната страна не ја прифаќа ни таа амнестија, како начин за надминување на тензиите и причините за конфликтот – вели судијката Цаца-Николовска.
Во однос на правната и праведна разврска на конфликтот од 2001 година, судијката од Европскиот суд за човекови права смета дека во овие дваесетина години во Македонија никогаш не се одело на утврдување релевантни факти и кој е виновен за почетокот на конфликтот, неговиот развој, ниту на околностите зошто е дојдено до таква разврска каква што е постигната.

– Нема никакви заклучоци, став на државата за тоа што се случуваше во 2001 година. Четирите предмети за злосторствата извршени во текот на конфликтот беа испратени до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но тие беа вратени со препорака за тоа да решава домашното законодавство. Државата како решение ја избра амнестијата. Колку е соодветно или несоодветно таквото решение, мислењата и понатаму се спротивставени во општеството. За оштетените во конфликтот таквото решение е поттурнување на проблемот под тепих и секако – неправедно. Додека оние што учествувале во процесот на смирување на конфликтот, го ценат како единствен начин за некаква разврска. Но процесот на барање правда не смее да биде затворен. Државата мора да најде стручни капацитети и политичка волја за жртвите да добијат праведна сатисфакција. А за историјата мора да се утврдат релевантни факти и податоци за тоа што се случуваше во Македонија во 2001 година – смета судијката Маргарита Цаца-Николовска.