Веројатноста за формирање кинеско-руски сојуз е тема на интензивни политички и воени аналитички опсервации. Ова не е само поради изјавата на рускиот претседател Владимир Путин, кој во декември кон крајот на минатата година, на состанокот на клубот Валдаи рече дека „не треба да се исклучи опцијата за сојуз со Кина“. Кинеските лидери излегоа со слични изјави и забелешки, оставајќи впечаток дека се подготвува „раѓање“ на нов воен сојуз

Дали ќе бидеме сведоци на раѓањето на нов воен сојуз

Реални планирања или само чиста реторика? Заемни интереси или интереси што по својата природа се некомпатибилни? Рака на срце, актуелните кинеско-руски односи веќе носат важни системски резултати, без разлика на постоењето какви било формални обврски (договори) помеѓу двете држави. А токму овие резултати во практиката може да предизвикаат Кина и Русија да функционираат како да се во воен сојуз.

САД им се заеднички ривал на Русија и на Кина

Евентуалниот воен сојуз меѓу Русија и Кина, се разбира, би предизвикал најголем удар за САД и нивните сојузници. А САД, Кина и Русија се меѓусебно поврзани на евроазискиот континент. САД имаат одбранбени ангажмани на двата краја од Евроазија, а одамна воспоставената геополитичка состојба диктира Вашингтон да доминира со стратегиската периферија на овој континент. А Кина и Русија, пак, се соочуваат и со нерешени безбедносни предизвици во сопствените периферни региони. Кина има поморски територијални спорови во делови на Јужно Кинеско Море и недовршено „обединување“ со Тајван, додека Русија се чувствува загрозено од присуството на НАТО во своите западни региони. Во своите регионални безбедносни предизвици, Кина и Русија се соочуваат со истиот голем ривал – Соединетите Американски Држави. Оттука, јасно е дека трите големи сили си се „судени“ една на друга, делумно поради евроазиската географија, а делумно и низ сите димензии на човековото дејствување. Нивната соработка, сојузи и меѓусебна конкуренција формираат географски, меѓусебно поврзан евроазиски систем и секое дејство изведено од страна на една од трите страни влече реперкусии во други домени или на други географски локации. Понекогаш, интеракциите меѓу, да речеме Кина и САД, создаваат можности за Русија да ги оствари своите интереси. Воена ескалација со Кина на територијата на Азија сериозно би им ги „врзала“ рацете на американските воени сили, но истовремено би обезбедила слобода за маневар на Русија на другиот крај од евроазискиот континент. И обратно. Освен што би ги користеле отворените празнини во своите региони додека американските сили се „врзани“ на друго место, Кина и Русија би можеле меѓусебно да си дадат стратегиска поддршка преку зголемување на притисокот во сопствените региони на голем број различни начини. Ваквиот вид поддршка може да постои во отсуство на каков било формален сојуз и да не биде во никаква поврзаност со тековните конфликти.

Претпоставени сценарија

Ајде прво да замислиме една ескалација во Источна Азија. Иако ниту САД, а ниту Кина не бараат повод за караница, за жал, лесно може да се замисли брзорастечки конфликт околу Тајванскиот Теснец, Јужно или Источно Кинеско Море, запален можеби од само една мала искра, како на пример колизија на патролни бродови или авиони. Во еден таков амбиент, Русија би можела или да го поддржи својот стратегиски партнер, или пак да се обиде да извлече корист од ситуацијата на други начини. Честопати може да стане збор за иста работа. На пример, Русија би можела да го сврти вниманието на земјите од НАТО и ЕУ кон нивните внатрешни или секундарни проблеми по пат на информатичка војна и сајбер-напади, што, од своја страна, секако би ја намалило европската поддршка за САД во Азија. Понатаму, Русија би можела дополнително да ја искористи својата позиција како главен европски снабдувач на гас, со цел да изврши притисок врз индивидуални земји-членки на ЕУ или НАТО и на тој начин да го поткопа консензуалното носење одлуки во овие организации. Освен тоа, Русија би можела да го пренасочува и „затвора“ капиталот на САД и НАТО на крајниот запад на Евроазија, на пример, со организирање ненајавени воени вежби или со распоредување воени сили на границите со соседните земји. Конечно, Русија би можела да ја ескалира ситуацијата со некаков мал воен конфликт, на пример во врска со Украина или регионот околу Балтичко Море, бидејќи едно мало „згодно“ територијално присвојување може да им послужи на руските интереси многу повеќе одошто Кинезите. На другиот крај од Евроазија, Русија би можела да го искористи својот извонреден арсенал на оружје со долг дострел, за да ја потисне слободата на Западот за дејствување во Азија, поддржувајќи ги истовремено кинеските операции, по пат на собирање и споделување разузнавачки информации.

Конфликти може да произлезат и на источноазискиот крај од евроазискиот континент. Односите НАТО/ЕУ – Русија, кои се и така веќе затегнати, може да ескалираат дотаму што Русија може да се обиде да преземе дел од копнената површина на Украина, на Балтикот или каде било околу Црно Море. Таквата ескалација би им ги „врзала рацете“ на американските сили, истовремено отворајќи приод за кинески напредок на источниот крај на континентот.
Кина би можела да почне да ја поддржува Русија со зголемување на притисокот врз Тајван по пат на упади во неговиот воздушен простор. Во текот на 2020 година, бројот на ваквите упади значително се зголеми, па, така, се зборува дека тајванското воено воздухопловство мака мачи со постојаното идентификување летови. Освен воздушните налети, Кина би можела да ги интензивира своите поморски вежби околу островот, кои понатаму би можеле да се прошират кон една целосна блокада. Ваквото „малтретирање“ на Тајван би било дополнето и со постепено засилување на информатички и сајбер-операции.
Зголемен притисок би можел да се случи и во Јужно Кинеско Море, каде што кинеските активности на полето на „сивата зона“, со користење „поморска полиција“ (воени пловни објекти камуфлирани како рибарски бродови), во последно време добиваат интензитет. Наедно, поморската полиција би можела да се упати кон островите Сенкаку/Диаоју, кои се управувани од страна на јапонските власти и кои администрацијата на Џо Бајден ги вклучи како дел од договорот за меѓусебна одбрана, склучен помеѓу САД и Јапонија.

Конечно, Кина би можела да ја искористи можноста да направи мал чекор кон „повторно соединување“ со Тајван, окупирајќи еден од изолираните острови под негова управа. Островот Пратас во Јужно Кинеско Море, оддалечен 400 километри од главниот тајвански остров, би бил совршен кандидат за оваа операција. Иако островот има воен гарнизон со околу 500 војници, неговата виртуелна изолација го прави соодветна цел и тест-полигон за „водоземните“ способности на Кина, кои рапидно растат и се развиваат. Кина веројатно би можела да изврши експресна анексија на дел од тајванската територија пред САД да успеат како било да реагираат, особено доколку се презафатени со ангажмани на бурната европска сцена.

(Не)официјален воен сојуз

Зачестените дискусии за тоа дали кинеско-рускиот сојуз е во фаза на создавање би можеле да бидат чисто промашување. Со оглед на системските ефекти што беа спомнати погоре, Кина и Русија би можеле (а најверојатно и би сакале) да ги синхронизираат своите потези против САД без да имаат формирано официјален сојуз, било да се работи за стратегиски реципроцитет или за чист опортунизам. Имајќи предвид дека Соединетите Американски Држави претставуваат најголема безбедносна грижа за двете земји, „заглавувањето“ на Вашингтон на едниот крај од Евроазија, за нив обезбедува слобода на движење на другиот крај.
И во двете сценарија, потенцијалната слобода на движење не мора да резултира со анексија на балтичките држави или на цел Тајван, но би можела да биде употребена за постигнување не толку големи цели. Имено, помалите потези – како на пример блиц-окупација на Нарва, Естонија или на островот Пратас – на кои Вашингтон не би можел навремено да одговори – би значеле драматичен удар врз воениот кредибилитет на САД пред очите на нивните партнери и сојузници.

Освен зголемување на својата популарност преку будење националистички чувства, од кои рускиот и кинескиот режим имаат сѐ поголема потреба, демонстрирањето дека одбранбените обврски на САД и НАТО кон Тајван се само букви на хартија, само по себе би претставувало голема стратегиска победа за Пекинг и Москва. Освен тоа што предизвика системски резултати на двата краја од континентот, евроазиската методологија на планирање наедно ги поттикнува Кина и Русија да се поддржуваат една со друга. Двете земји веќе сигнализираа дека, доколку состојбите го бараат тоа, цврсто ќе се потпираат една врз друга преку заеднички воени вежби, организирани во жариштата на секоја од нив, но и преку неодамна воведените заеднички воздушни патроли над Јапонско Море. Има ли причина за сомнеж дека ваквиот стратегиски реципроцитет не би функционирал и во многу посериозна форма, да речеме во случај на воена ескалација во кој било дел од континентот? Кинеско-руските односи и нивните системски резултати веќе функционираат во форма на псевдоалијанса.