Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во каква состојба се наоѓа македонската воено-наменска индустрија и колку е профитабилен овој економски сектор, од кој многу држави од соседството и од светот добро заработуваат, се дилемите што ги актуализира аферата во оваа индустриска гранка што се отвори во соседна Србија, а во која е инволвиран македонскиот државјанин Шевшет Демировски, сопственик на фирмата „АТС груп“ во Македонија, токму во овој сектор.

Последните информации за состојбата во оваа област беа публикувани на почетокот од годинава, кога на 11 јануари се одржа средба меѓу министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и претставниците на Стопанската комора на Македонија.

Тогаш оперативната директорка на Стопанската комора, Анета Трајковска, говорејќи за развојот на капацитетите на наменската индустрија во земјата, истакна дека индустриското производство од овој вид во земјата е значително намалено во последните години, односно ако учеството на индустријата во БДП во 1992 година изнесувало 32 проценти, тоа во 2016 година изнесувало само 15 отсто.

И познавачите на состојбата во оваа гранка се согласни со оцената и објаснуваат дека некогашните фирми гиганти во оваа гранка, сега претежно се занимаваат производство на текстил и муниција за задоволување на домашните потреби.
Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев вели дека воено-наменската индустрија во Македонија од секогаш имала и ќе има особено големо значење за одбраната и за економијата на државата.

– Во време на интензивна меѓуресорска зависност, поврзаност и технолошки напредок, паметното менаџирање со овој сектор може да биде сериозен импакт за целокупната благосостојба на земјата – вели тој.
Според професорот, овој сектор е битен и за одбраната, бидејќи тој говори за независност во снабдувањето на одбранбениот сектор во случај на криза или оружен конфликт, како и за економијата, бидејќи индиректно оваа индустрија е големо освежување и носи значителни приходи, зголемување на бројот на работни места и градење инфраструктура за развој на оваа гранка.

Според Хаџи-Јанев, со членството во НАТО може да се создаде дополнителен стимул за развој на оваа дејност. Тој подвлекува дека индиректна бенефиција од оваа индустрија во иднина би добил секторот за образование, но и текстилната и ИТ-индустријата, кои може да имаат сериозен удел во развојот на компаниите за воено-наменска индустрија.