Фото: Игор Бансколиев

Полигонот Криволак може да е еден од нашите најдобри адути што можеме да им ги понудиме како база на сојузниците при еден евентуален таков процес, кој очигледно се случува сега во Грција и во Албанија

Може ли Македонија, користејќи ги своите воени капацитети и воена инфраструктура, со акцент на армискиот полигон Криволак, да се обиде да се најде во приказната во која земјите од регионот се истакнуваат како можни локации на кои би се отвориле воени бази на НАТО-сојузниците, преку кои би се бетонирала безбедносната состојба на државите.

Аналитичарот Димитар Димов советува дека властите би требало да ги искористат своите дипломатски и армиски конекции за да се обидат да ги убедат САД да бидат армиски присутни во нашата земја во соработка со АРМ.

Аналитичарот верува дека полигонот Криволак може да е еден од нашите најдобри адути што можеме да им ги понудиме на сојузниците при еден евентуален таков процес, кој очигледно се случува сега во Грција и во Албанија.
Хронолошки гледано наназад, последна ваква информација поврзана со можност за отворање американски воени бази дојде неодамна од Грција.

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос на средбата во Вашингтон на својот американски колега Џејмс Матис му предложил да бидат создадени нови американски воени бази, покрај постојната база во Суда, на островот Крит.

Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека Грција ги гледа САД како стратегиски партнер и сојузник и за Атина е важно Пентагон да распореди воени сили во земјата на потрајна основа, не само во заливот Суда туку и во Волос, во Лариса и во Александрополис.

Според информациите на весникот, пристаништето на Александрополис веќе се користело од страна на американската армија, додека пак на воениот аеродром во Лариса имало распоредено американски дронови и дополнително во изминатите месеци таму биле стационирани и борбените авиони „Ф-22 раптор“.
„Катимерини“ цитира добро информирани извори од грчката влада, според кои, Американците ги истражуваат можностите за користење на аеродромот во Лариса, како и други главни објекти на грчките воздухопловни сили за распоредување поголеми авиони за зголемување на воената моќ на САД и НАТО.

Претходно, во октомври слична ситуација беше регистрирана и во Албанија.
Имено, на својот фејсбук-профил премиерот Еди Рама објави дека се планира НАТО во Албанија да изгради воздухопловна база за Западен Балкан.
– Северноатлантскиот совет ја одобри одлуката да се изгради во Албанија првата воздухопловна база во Западен Балкан. Со средства од Северноатлантската алијанса и во партнерство со Владата на Република Албанија, НАТО ќе инвестира над 50 милиони евра, само за првата фаза од проектот за модернизација на воздухопловната база во Кучово – напиша Рама.

Тој додаде дека преку овој проект, кој се очекува да започне во текот на годинава, Кучово ќе служи како база за поддршка на НАТО за снабдување од воздух, логистичка поддршка, поддршка за воздухопловната полиција, како и обука и вежби на Алијансата.

– Кучово, исто така, ќе служи како национална база за албанските воздухопловни сили, а оваа стратегиска инвестиција на НАТО во Албанија ќе донесе нов стандард во вооружените сили. Несомнено, оваа голема инвестиција создава нови можности за економскиот и социјалниот развој на целиот регион, каде што се планира да се изгради оваа нова воздухопловна база според последната технологија – напиша Рама.
Во контекст на овие случувања, за обележување е фактот дека на Балканот, Америка и НАТО веќе имаат активни свои воени инсталации од различна намена, и тоа три во Бугарија, две во Турција и по една во Грција и во Косово.

Иако не влегува во балканскиот регион, за споменување е и годинешниот пример, во кој Полска побара од САД да изградат постојана воена база на нејзина територија, изразувајќи притоа подготвеност да плати две милијарди долари за да се случи тоа. Како што пренесоа медиумите тогаш, Варшава сака САД на тој начин да ја заштитат од можни напади на Русија. Според пишувањата на американскиот магазин „Политико“, желбата на Варшава за американската чизма на своја територија датира од влезот на Полска во НАТО во 1999 година, но сега е дополнително зајакната поради анексијата на Крим од страна на Русија пред четири години и агресивниот став кон Алијансата.
Во меѓувреме, во моменти кога Македонија се обидува да го надмине спорот за името со Грција и да ја осигури својата безбедност преку зачленување во НАТО, оваа цел може дополнително да се надгради на долг период и со отворање воени бази и воени инсталации на стратегискиот партнер на земјата САД на својата територија.

Аналитичарот Димитар Димов вели дека сосема е разбирливо зошто државите од најблиското соседство на Македонија, иако под безбедносен чадор на НАТО, сепак, посакуваат и бараат американско воено присуство на својата територија.
Тој објаснува дека сето ќе биде дополнителен гарант, регионално гледано, да исчезне безбедносната нестабилност, која е присутна на Балканот уште од времето на распадот на Југославија.

Димов советува дека властите би требало да ги искористат своите дипломатски и армиски конекции за да се обидат да ги убедат САД да бидат армиски присутни во нашата земја во соработка со АРМ.

 

Што претставува полигонот?

Воениот полигон Криволак е една од највредните работи што ги поседува АРМ. Според познавачите на состојбите, тој важи за најдобар воен полигон на европска почва. Со површина од над 1.200 квадратни километри, полигонот зафаќа речиси пет отсто од вкупната територија на државата и е можеби и највредната сопственост на АРМ. Армискиот полигон кај истоименото село во општината Неготино има услови за воена обука какви што нема на ниедно друго место на Балканот.
Тој налето е како во пустина, а во зима како на Сибир, а теренот е сличен токму на местата каде што сега има оружени конфликти, Сирија и Украина. Тоа е местото каде што најчесто тренираат нашата и други сојузнички армии. Во меѓувреме на Криволак во моментов има околу 300 легла за војници, а планирани се и проширувања на капацитетите за уште толку за изградба, за да може да се смести цел пешадиски баталјон.
Последен пат полигонот во јули летото беше домаќин на единиците под раководство на Европската команда на силите на САД. Само една година претходно на Криволак беше извршена и заедничката воена вежба на АРМ и на Армијата на САД во Европа, насловена „Драгон гардиан 17“. На неа учествуваа 300 припадници на американската армија и 95 припадници на АРМ, а војниците заедно изработуваа патека за слетување беспилотни летала, имаа обука за расчистување на патишта од импровизирани експлозивни направи и обуки за заштита од атомско, биолошко и хемиско оружје.


Веќе активни воени бази на Балканот

1. Бугарија – логистички центар „Аитос“ кај Бургас, воздушни бази „Безмер“ и „Граф Игнатиево“, тренинг-камп во Ново Село
2. Грција – поморска база „Суда беј“ на Крит
3. Косово – камп „Бондстил“
4. Турција – воздушни бази „Инџирлик“ и „Измир“


Можни воени бази на Балканот

1. Албанија – воздухопловна база „Кучово“
2. Грција – воени бази кај Волос, Лариса и Александрополис