Фото: Маја Јаневска-Илиева

Потврда дека работите одат во таа насока се и неодамнешните свлечишта на патот кон Теферич, но и на новоизградениот пат кон Сончев Град, што е доволен доказ дека Водно продолжува да биде безбедносна закана за Скопје

Стручната фела против најавите за прогласување на планината за заштитено подрачје

Вистинска заштита на Водно може да се постигне само со носење закон со кој ќе се оневозможи ново градежно девастирање на планината и ќе се спречат поплави и ерозија на земјиштето предизвикани од поројните дождови, кои поради климатските промени стануваат сè почеста појава.
Потврда дека работите одат во таа насока се и неодамнешните свлечишта на патот кон Теферич, но и на новоизградениот пат кон Сончев Град, што е доволен доказ дека Водно продолжува да биде безбедносна закана за Скопје.
Дополнително, планината ја напаѓа и урбаната мафија, чија цел е што подлабоко да навлезе во пазувите на Водно само за да оствари што поголем профит, не водејќи сметка дека директно се загрозува градот преку сè поголемите води што се слеваат кон пониските зони при секој пороен дожд.
Познавачите на состојбите сметаат дека Водно треба да биде заштитно, а не заштитено подрачје, затоа што, како што велат, основната функција на Водно му е безбедноста, заштита од порои и поплави.

– Потребно е итно запирање на нацрт-одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје според Законот за заштита на природата и донесување лекс специјалис, односно посебен закон за Водно, изработка на просторен план за планината и посебен план за управување што ќе овозможи вистински степен на заштита и зачувување на неговата важност – вели Иван Блинков, професор на Шумарскиот факултет, чија специјалност се ерозиите.
Според него, Водно има преголемо стратегиско значење за Скопје и мора да се обрне посебно внимание на тоа.
– Водно има исклучителна стратегиска важност за Скопје, а со самото тоа и за еден значаен дел од државата, што неговата заштита не би смеела да се разгледува само од аспект на Законот за заштита на природата, како другите природни подрачја, туку мора да се земе предвид дека е стратегиски важно подрачје поради својата улога во заштитата и превенцијата од поплави за Скопје – појаснува Блинков.
Тој уште додава дека во Студијата за валоризација за природните вредности на Водно, која е основа за прогласувањето на Водно за заштитено подрачје, лошо е осмислено зонирањето со предложени дозволени и недозволени активности.
– Тоа е направено како да станува збор за некое недопрено парче природа во Мариово, а не над главниот град. Со тоа се нарушува функционирањето на овој безбедносен систем за градот, а тоа води кон намалување на безбедноста на граѓаните од природните непогоди. Замислете ако во таа зона никнат и објекти, се направат улици, целата вода од пороите ќе се слева кон куќите подолу.

Јас би предложил во една најзначајна зона околу границата со ГУП секоја неправилна активност со која се нарушува природата и безбедноста на граѓаните да се казнува само со затворска казна и никако поинаку – категоричен е Блинков.
Според него, државата треба да ги ангажира сопствените ресурси за да се подготви план за управување со Водно.
– Водно е премногу сериозна работа. Во државата постои Агенција за просторно планирање. Законски само тие можат да подготвуваат просторен план. Во исто време, тие го подготвуваат и ГУП-от на Скопје, па затоа тие треба да го изработат овој план за управување. Не само што е тоа сериозна институција со искусни планери доктори на науки, со секаков потребен кадар, туку и лесно може да усогласат сè – смета Блинков.
И еколозите сметаат дека одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје не е добра.
– За да се избегнат немилите настани како што била поплавата во 1951 година, да не ни се случи случајно повторно Стајковци од 2016 година, но сега на Водно, во времето на климатски промени во кои живееме денес, каде што поројните дождови ќе бидат и многу почести и поинтензивни, ние не смееме сега да дозволиме ваква одлука, каде што единствена заштита на Водно ќе биде биодиверзитетот – вели Татјана Стојановска од иницијативата „Го сакам Водно“.
Од „02 иницијативата“ велат дека зад предлогот Водно да биде заштитено подрачје од најнизок вид, петта категорија, се крие намерата за негова урбанизација.

– За овој тип на (не)заштита законот не предвидува никакви забрани на подрачјето, како што има за повисоките четврти категории. Тоа значи дека на доста голем дел од она што со децении го знаеме како заштитена парк-шума Водно ќе може да се гради, нешто што досега и сè уште не е дозволено поради повисокиот степен на заштита што го има парк-шумата Водно. Иако знаеме дека во минатото настанало прекршување на овие одредби и внатре во границите на парк-шумата се изградeни Шпанско Село, Сончев Град и други објекти. Но сега ќе се отвори широко вратата за урбанизација, под плаштот на носење едвај некаква заштита на Водно – посочуваат од „O2 иницијативата“.
Според нив, Водно мора да ја задржи својата основна функција, а тоа е заштита на главниот град од порои и свлечишта.