За да не се повтори ваквата ситуација, а имајќи предвид дека неколку скопски населби, вклучувајќи го и клиничкиот центар „Мајка Тереза“, се непосредно изложени на евентуални поплави во случај на обилни врнежи токму од Водно, експертите апелираат до надлежните да донесат посебен закон за оваа планина, со кој ќе се обезбеди соодветна заштита на градот

Експертите со нови сериозни предупредувања за поплави, свлечишта, ерозија…

Министерството за животна средина и просторно планирање не се откажува од намерата Водно да го прогласи за заштитена зона и покрај апелите на еколошките здруженија и експертите, кои бараат да се подготви посебен закон за Водно, со кој ќе се спречи понатамошна урбанизација на планината, а Скопје ќе се заштити од поплави и ерозии, кои во услови на климатски промени стануваат сè поизразени.
Потврда за ваквите состојби е поплавата во скопско Стајковци од август 2016 година, кога огромна маса вода се истури на мал простор над Скопска Црна Гора и предизвика поплавување на овој дел на Скопје, при што имаше и човечки жртви.
Токму за да не се повтори ваквата ситуација, а имајќи предвид дека неколку скопски населби, вклучувајќи го и клиничкиот центар „Мајка Тереза“, се непосредно изложени на евентуални поплави во случај на обилни врнежи токму од Водно, експертите апелираат до надлежните да донесат посебен закон за оваа планина, со кој ќе се обезбеди соодветна заштита на градот.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, и понатаму смета дека во нацрт-одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје, според Законот за заштита на природата, може да се инкорпорира и планот за ерозии и поплави, но најавува дека ако тоа не се покажело за доволно, подоцна ќе се донесел и закон.

– Не смееме да заборавиме дека сите овие аспекти се уредени со законска регулатива, дека урбанистичкото планирање е надлежност на општините и дека идната интегрирана заштита е можна со добра координација и исполнување на сите обврски. Доколку при анализите се исцрпат сите средства и се исполнат сите обврски и надлежности, но се утврди дека навистина е потребно за Водно да се креира нов закон со поинаков режим, ќе се започнат иницијативи за таа процедура. Сепак, верувам дека по долго време сите сме свесни дека е потребно да го заштитиме Водно што поскоро – вели Нуредини.
Од друга страна, професорот Иван Блинков од Шумарскиот факултет смета дека за Водно мора да биде донесен посебен закон, бидејќи се занемарува главната опасност што доаѓа од планината, во спротивно, порачува, доколку се случи несакана катастрофа, како онаа на Скопска Црна Гора, вината да ја преземат оние што денес ја туркаат идејата за заштита на биодиверзитетот на Водно.
– Водно треба да го заштитиме за да се заштитиме себеси од него, а и да ни служи и за рекреација и за прочистување на воздуxoт. Само дали можат да разберат овие што мислат дека биодиверзитетот на Водно е најзначајното нешто и со тоа ја негираат безбедноста на граѓаните, економските објекти, институциите на градот и државата! Штом е така, сите што ја поддржуваат нацрт-одлуката за проглaсување на Водно според закон за природа со оглед на фактот дека одредбите таму се во колизија со оние во врска со безбедноста, нека потпишат изјава дека преземаат одговорност ако сe случи нешто, скраја да е, слично како на Скопска Црна Гора во 2016 година – порачува Блинков.

Тој посочи на можните ризици од поплавни бранови на дел од пороите од Водно, како и од ерозија, притоа појаснувајќи дека кога постои опасност од поројна поплава, во согласност со принципите за уредување порои и Законот за води, целиот слив е предмет на разни задолжителни мерки, почнувајќи од противерозивни мерки (пошумување, теxничко-мелиоративни, административни…), како и одржување и подобрување на постојната состојба со шумите (одгледување, заштита), сè во функција на што е можно поголемо намалување на опасноста.
– Ако сакаме вистинска заштита на Водно, заштита на граѓаните на Скопје, како и на институциите, потребно е да се повлече нацрт-одлуката за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од петта категорија, да се подготви закон за Водно и да се подготви интегрален план за управување – предлага Блинков.
И екологистите се на истата позиција, односно сметаат дека со она што се нуди во нацрт-одлуката за прогласување на Водно за заштитено подрачје нема да се спречи урбанизација на падините на планината, а со тоа се загрозува и безбедноста на главниот град.

– Се заборава основното поради кое е заштитено Водно. Основната цел е заштита на градот од Водно. Водно е пошумувано од многу други аспекти, од аспект на поројни дождови, од аспект на ерозија, кои се заканувале да влијаат на градот односно да оневозможат еден добар живот и воопшто биле животоопасни по градот. Направени се еден куп експертизи и врз основа на тие експертизи е заклучено дека е извршено неопходното пошумување… Вредноста на Водно е секако голема, но не е поголема од потребата за заштита на граѓаните на Скопје – вели Татјана Стојановска од иницијативата „Го сакам Водно“.