Фото: Дарко Андоновски

Според дел од аналитичарите, чистата препорака од Европската комисија е повеќе политичка награда за да се реши проблемот со Грција околу името. Но тоа евентуално решение, во никој случај не смее да биде на штета на интересите на македонскиот народ и држава

Амбиентот на оптимизам, кој се создава во јавноста, по добивањето на извештајот од страна на Европската комисија за напредокот на реформските процеси и т.н. „чиста препорака“ за почеток на преговори за членство во ЕУ, се чини дека своевидна кулминација добива во отворено искажаните надежи на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, за добивање датум за почеток на преговорите, веќе во јуни, на Советот на министри на ЕУ.
– Ќе ги оправдаме очекувањата, ќе дадеме нови причини за поддршка, граѓаните на Република Македонија заслужуваат да бидат дел од Европа, нека стане реалност очекувањето за добивање датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, на Советот на министри во јуни – директно ѝ се обрати премиерот Заев на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и заменик-претседателка на ЕК, Федерика Могерини, при нејзината посета на Македонија.

На таквите надежи на премиерот Заев, Могерини рече дека не сака да шпекулира како ќе одлучат 28-те земји-членки на ЕУ за два и пол месеца, но дека време има и треба да се искористи позитивно и храбро, како што е направено тоа во последните десет месеци, кога се направени чекори што биле незамисливи. Сепак, Могерини изрази мислење дека Европскиот совет може дефинитивно да донесе позитивна одлука, затоа што во спротивно ЕК не би дала препорака, ако сметале дека тоа не е така. Но поучени од досегашното искуство, сепак, јавноста во Македонија сѐ повеќе, со резерва ги прифаќа оптимизмот во настапите и очекувањата на политичарите. Со оглед на искуствата од претходните девет препораки во извештаите на Европската комисија, од кои најголем дел биле безусловни и на почетокот предизвикувале сличен оптимизам во јавноста, сега, на изразените очекувања на премиерот за добивање датум за преговори, се пристапува со покритичка опсервација на шансите и реалните можности.

Фото: Дарко Андоновски

– Сето тоа е поврзано и условено едно со друго: извештајот на Европската комисија, напредокот во преговорите со Грција за проблемот за името, па до добивањето на датумот за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ. За процесот на спроведување реформи во државата веќе добивме позитивен извештај од Европската комисија. Сега останува вториот, потешкиот дел од „равенката“ – дипломатски да се изменаџираат преговорите за името на државата. Верувам дека премиерот Заев е подобро запознаен со текот и со деталите на тој процес, штом искажува оптимизам за добивање датум за преговори – размислува политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Фактот дека од 2009 година Република Македонија добива препораки за почеток на преговорите и не може да отиде чекор понатаму во процесот за пристапување кон членството на ЕУ, веќе ја има надминато фазата на создавање фрустрации во јавноста и предизвикува пореалистичен пристап кон секаков оптимизам. Можеби ситуацијата што претходните две препораки од ЕК беа условени, а од оваа последнава е отстранета „условеноста“, донекаде го прави оправдано толкувањето за остварен реформски напредок. Но и понатаму останува дискутабилна вербата за добивање датум за преговори.

– Ова е деветта препорака за почеток на преговори од ЕК, од 2009 година и каде е Македонија во процесот на евроинтеграциите? Сѐ уште сме само на препорака. Политичарите знаат да ги подигнат очекувањата на општеството, што на некој начин е разбирливо од нивни аспект – за подигнување на општествениот морал, или и за добивање на политички поени. Но таквиот начин на промоција на големи политички очекувања, може да предизвика спротивен ефект. Зашто неисполнувањето на таквите очекувања, може да создаде поголема општествена фрустрација на подолг рок, што би довело до закочување на други општествени процеси – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Што се однесува до оптимизмот на премиерот Заев за добивање датум за преговори со ЕУ, и тој смета дека тоа е поврзано со прашањето колку се напреднати преговорите со Грција за наметнатиот спор за името.

– Постои опција, која е многу хипотетичка, до крајот на годината, Македонија евентуално да добие некаков условен датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, доколку има напредок во преговорите за името. Бидејќи е сѐ поизвесно, односно грчката страна открива дека во јуни Македонија нема да добие покана за членство во НАТО, целиот прогрес во билатералните преговори за името на државата би пропаднал, ако не се добие некаква друга политичка сатисфакција. Од друга страна, оваа влада сиот свој политички влог го има ставено на решавање на прашањето за името на земјата, влез во НАТО и членство во ЕУ, ако за краток период не се добие некаков резултат од таквите дејствувања, ќе дојде до сериозни разочарувања во општеството. Но тоа се повеќе шпекулации, хипотетичко-аналитички размислувања. Но политичарите треба повнимателно да настапуваат со оптимизмот. Позитивниот извештај на Европската комисија за Македонија е повеќе политичка награда за да се реши проблемот со Грција околу името – вели Владимир Божиновски.