Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертите, иако се убедени дека новата европска администрација има аманет од досегашната во заминување дека сработеното на Македонија во однос на нејзиниот евроинтегративен пат е повеќе од доволно земјава да добие конечно датум за почеток на преговори веќе следниот месец, сепак не ја исклучуваат и другата, опозитна можност

Додека новиот состав на Европската комисија да започне со работа во октомври, соочувајќи се со најгорливите прашања што се закануваат да го уништат самото ткиво на ЕУ (како брегзит, миграција, владеење на правото внатре во Унијата), расте загриженоста и кај членките-кандидатки од Балканот за влез во неа. Меѓу нив и Македонија, каде што загриженоста кај граѓаните дека ќе останеме надвор од игра, сѐ повеќе преовладува во јавноста. Со ваков впечаток се деновиве и дел од домашните познавачи на состојбите во ЕУ, во пресрет на нашето очекување за датум за преговори во октомври, кое се преклопува со почнување на работата на новата европска администрација. Експертите, иако се убедени дека новата европска администрација има аманет од досегашната во заминување дека сработеното на Македонија во однос на нејзиниот евроинтегративен пат е повеќе од доволно земјава да добие конечно датум за почеток на преговори веќе следниот месец, сепак не ја исклучуваат и другата, опозитна можност. Таа опција се идентификува со варијантата пофрагментираната и понеединствена Европа со некои земји-членки и овој пат да направи да се одложи датумот на Македонија за подоцна во годинава.

Некои од експертите сметаат дека нема да се сменат досегашните политики на ЕУ, ЕК и на Советот на Европа кон земјава, односно дека ќе се задржат отворените врати за аспирантите како што е Македонија, без оглед на внатрешните превирања во Унијата. Други, пак, се убедени дека новите европски челници, слично како и оние во заминување, приказната за Македонија во меѓувреме ќе ја остават да шета низ бирократските лавиринти, собирајќи притоа нови услови, директиви, регулативи.
Професорoт по меѓународно право, Лазар Лазаров, коментирајќи ги последователниот развој во ЕУ и неодамнешното несогласување помеѓу членките во Унијата околу изборот на новите челници во Брисел, истакнува дека земјава не треба да стравува околу поддршка на својот евроинтегративен пат и во иднина од страна на новата администрација во Брисел.
Според него, Македонија направила сѐ што се однесува за условите што беа посочени од јуни и Унијата треба да го тоа препознае што поскоро. Сепак професорот посочува дека и покрај нашето добивање датум за преговори, земјава треба уште многу да сработи на секое поле.

– Европската комисија во заминување остави аманет дека Македонија премногу направи и не само земјава, но и Балканот во целост изминатиот период и треба со сигурност да влезе во ЕУ. Ваквиот мој став го темелам на последните пораки на довчерашните силни противници за проширување како Франција, Германија, Холандија, кои омекнаа во последниот период и ги променија своите ставови во однос на нашето добивање датум. Тоа, пак, во исто време укажува дека земјава додека не се оформи новото кормило во Брисел итно мора да ги спроведе сите предвидени реформи и да направи сѐ што може за да се отфрли сомнежот за евентуално ново одложување на датумот за преговори – објаснува професорот Лазаров.
Според него, генералниот став на новата Европската комисија нема да се смени значително од сегашниот, а во таа смисла, како што дополнува, се очекува зголемен притисок од нивна страна во поглед на реализирање на реформските приоритети и справување со криминалот и корупцијата во земјава.
Од друга страна, политикологот Милан Стефановски смета дека новата поставеност на највисоките функции во Брисел може да не биде во корист на земјава и нејзините европски аспирации.

– Неоспорен факт е дека европската администрација во заминување имаше обврски кон Македонија што не ги криеше. Несомнено е дека Брисел учествуваше во процесот за смена на името и затоа можеби донекаде чувствува одговорност, која се гледа во последните изјави на европските челници, кои полека го сменија тонот во однос на земјава и добивањето на датумот за преговори. Сепак, без оглед на политичката ориентација, новите луѓе во ЕУ немаат никакви обврски кон земјава дека мора да добие датум во октомври. На крајот и да добиеме датум следниот месец, тоа не значи апсолутно ништо за нас, бидејќи преговорите може да траат долго уште многу години – објаснува Стефановски.
Во меѓувреме, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на панелот насловен „Што следува? – поглед на евроатлантската безбедност, 70 години по Вашингтонскиот договор“, што се одржа во рамките на Бледскиот стратегиски форум, истакна дека Македонија постигна брз прогрес и дека сега е време ЕУ да покаже брза реакција.
Инаку, францускиот претседател Емануел Макрон во јуни постави мошне висок тон за непроширување кога земјите се судрија околу тоа кој би ги добил највисоките работни места во ЕУ по изборите во Европскиот парламент.
– Ќе одбијам секаков вид проширување пред да се направи длабока реформа во нашето институционално функционирање – рече тој.
Останува отворено прашањето дали државите од Вишеградската четворка, и самите обвинети за заостанување во демократските реформи ќе бидат ефективни застапници на балканските интереси во комисијата. За потсетување, само минатата година Европскиот парламент гласаше за преземање невидени дисциплински мерки против Унгарија за наводно кршење на основните вредности на ЕУ. Во исто време, Европската комисија презема правни дејства против Полска за непочитување на демократските правила. Сепак и покрај сѐ претставниците на Вишеградската четворка Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, велат дека тие, и во рамките на новата комисија, ќе бидат поборници на проширување на ЕУ.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]