ВМРО-Народна партија со внимание ја следи работата на заедничката Комисијата за историски прашања и жали што не се изнаоѓа решение кое ќе ги задоволи двете страни и затопли односите помеѓу двете држави, велат од партијата.

– Во таа насока ВМРО-Народна партија смета дека последниот проблем кој изникна од заедничката Комисија за историски прашања, а тоа е употребата на придавката „македонски“ навистина ја прави ситуацијата помалку ирационална па дури и трагикомична. Не можеме да сфатиме зошто на овој состав историчари предводени од почитуваниот професор Ангел Димитров им пречи придавката „македонски“ кога во целата бугарска историографија во последните 150 години придавката „македонски“ е максимално присутна и ја има скоро во секоја бугарска историска книга која се занимава со македонското прашање не навлегувајќи во тоа што тие подразбираат под зборот „македонски“ – велат од партијата.

Дека ситуацијата оди во ирационален правец, додаваат од ВМРО-Народна партија, само ќе потсетиме дека има и такви институции кои во бугарската историографија инсистира на зборот „македонски“, а македонската пак историографија воопшто и не сака да слушне на тие места за зборот „македонски“ па еве неколку примери: Македонски врховен комитет, Македонска патриотска организација, Македонски братства, Македонски научен институт, Македонски преглед (весник), Македонско ополчение, Македонска единаесетта дивизија, Македонски културен дом.

– Ова се само неколку од многуте примери кои го потврдуваат моментот дека дискусијата веќе добива и комичен карактер ако ги иземеме секојдневните негативни емоции кои растат од ден на ден помеѓу граѓаните на Македонија и Бугарија. Се надеваме дека историчарите во иднина нема да создаваат нови пробелми таму каде што ги нема, а дека ќе ги решат на прифатлив начин таму кај што реално постојат – се наведува во соопштението.