СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и утрово продолжија со меѓусебни обвинувања и несогласувања за претстојниот попис на населението.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порача дека СДСМ и Зоран Заев со насилни и криминални процедури постапуваат за избори, а тоа ќе го направат и за пописот.

Според ВМРО-ДПМНЕ, власта турка насилен и криминален попис што може да резултира единствено со фалсификувани резултати.

– Законот за попис се носи на насилен начин. Стандардите според кои треба да се спроведува пописот се по добро познатите теркови на Заев. За меѓународни стандарди за ваква процедура власта воопшто нема интерес. Земји од Европската унија како Германија, Ирска, Романија поради пандемијата со корона ја одложија оваа статистика операција за следната 2022 година. Ама Заев може да истурка попис во пандемија затоа што тој планира да направи политичка, а не статистичка операција, по неговите добро познати насилно-кримнални мерки – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во партиското соопштение се додава дека попис со диктирање на податоци и со врзани потписи на две политички партии не може да биде ништо друго освен политичка операција која ќе резултира со фалсификувани резулати.

Претходно, вчера од опозициската партија посочија дека ќе почнат со процедура за собирање на потписи со кои што ќе се бара поништување на законот за попис, ако власта, во меѓувреме, не го повлече овој закон.

Со коментар за пописот утрово се огласи и СДСМ. Оттука, пак, велат дека пописот ќе се спроведе оваа пролет, а институциите ќе приберат точни и квалитетни податоци, потребни за носење издржани среднорочни и долгорочни политики и стратегии.

Законот кој е во собраниска процедура, велат од СДСМ, гарантира попис по сите светски стандарди и по сите прописи на Евростат, а обидите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја спречат оваа статистичка операција се злонамерни и деструктивни.

– Државата, 19 години е без попис, токму поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, која не успеа да спроведе попис во 2011 година. Разбирливо е дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ по шест изборни порази, имаат страв од граѓаните, но не треба да се плашат, на пописот не се гласа, тоа не се избори, тоа е статистичка операција, во која нема губитници и победници – смета СДСМ.

Социјалдемократите се категорични дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема да спречат одржување на попис на населението.