Заев и Филипче со своите фашизоидни мерки удрија по џебот на граѓаните, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

– Миленичката на Заев, директорката на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска, изјави дека од понеделник грaѓаните кои ќе бидат затекнати во објект или на настан без сертификат за примена вакцина против Ковид-19 ќе платат казна од 250 евра, а казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 евра до 30 илјади евра, во зависност од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице – се наведува во партиското соопштение.

Од опозициската партија сметаат дека станува збор за, како што велат, класично пљачкосување, но и системско потфрлање на неспособната власт.

– Дискриминацијата на вакцинирани и невакцинирани граѓани е уште една од низата на нелогичности, но и резултат на неспособноста на власта која убедуваше дека до септември ќе се прогласи крај на пандемијата. Со оваа политика на Заев која затвори за шест месеци над 5.000 фирми, а за една година повеќе од 10.000 фирми колку сега ќе затвори со новите фашизоидни мерки? – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ констатирајќи дека новите одлуки на власта се погубни за егзистенцијата на илјадници граѓани.