Фото: Игор Бансколиев

ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го блокира предлогот за воведување на еколошка такса со која би се зголемиле цените на горивата.

Пратеникот од опозициските редови, Тимчо Муцунски, предупреди дека тоа со сигурност ќе влијае кон нов бран на зголемување на цените на транспортот и на сите други производи, како и зголемена неконкуретност на македонските компании на светскиот пазар, што ќе предизвика дополнителен шок на целата македонска економија.

– Наместо државата да се грижи за инвестиции во зелени проекти, Владата има намера да наплаќа од секој граѓанин и од секоја компанија со цел да финансира проекти што нема да постигнат некој значителен ефект, освен можеби политички да го оправдаат ребрендирањето на еден од своите коалициони партнери – смета Муцунски.

Во однос на обвинувањата за блокадтите, од ВМРО-ДПМНЕ во своја одбрана наведуваат дека блокираат единствено закони кои им нанесуваат сериозна и непосредна штета на и така веќе погодените граѓани и компании.

– Во однос на овој Предлог закон ставот на академската заедница, стопанските комори и граѓаните е едногласен, а нивниот заклучок и јасна порака е дека станува збор за погрешна мерка во погрешно време. Имајќи го предвид кажаното, ставот на ВМРО-ДПМНЕ е цврст и јасен: Без двоумење ќе го блокираме овој Предлог закон, користејќи ги сите постоечки демократски механизми и ќе го спречиме неговото донесување. Во случај мнозинството да продолжи да го прави тоа што го прави најдобро, а тоа е насилно и надвор од процедура да донесе уште еден закон кој удира по џебот на граѓаните, тогаш приоритет на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосна ревизија на сите антипазарни политики, меѓу кои и високите даноци – рече Муцунски.

Опозицијата е децидна дека граѓаните ќе осетат вистински ефекти преку намалување на даноците и давачките кон власта, како и безусловно укинување на таканаречената еколошка такса.


Околу 50 милиони евра годишно од еколошката такса ќе одат на проекти за зелен развој

Формираме посебен фонд за средствата од еколошка такса со кој ќе обезбедиме подобри услови за зелен развој, истакнаа вицепремиерот Фатмир Битиќи и Фатмир министерот Бесими на седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог.

Битиќи и Бесими го претставија концептот за воведување на еколошка такса на нафтени деривати, при што посочија дека еколошката такса се воведува како механизам за прибирање на средства за преземање на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина, кои ќе бидат во посебен фонд за овозможување на зелен развој на државата. Објаснето е дека висината на еколошката такса од дериват до дериват се разликува и дека најголема такса се планира за деривати кои и најмногу ја контаминираат животната средина како што се бензинот, дизелот, екстра лесното масло и маслото за горење (мазут), за кои таксата ќе изнесува по 3,5 денари по литар, додека за безоловниот бензин, таксата изнесува 3,1 денари.

– Заштитата на животната средина и овозможување на зелен и одржлив развој е еден од врвните приоритети на Владата и токму во таа насока средствата ќе се прибираат во посебниот фонд, а кои на годишно ниво би изнесувале околу 50 милиони евра, ќе се насочат токму во еколошки проекти – велат од Владата.

Претставниците на Владата и на бизнис секторот разговараа и за одредени аспекти од Законот за јавни набавки, особено што се однесуваат за третманот на ИКТ набавките, како и за можности за поместување на рокови за извршување на договорни обврски, поради актуелните случувања со корона-кризата.

На состанокот директорката на Управата за Јавни Приходи, Сања Лукаревска, зборуваше за процесот на враќање на средствата кои што компаниите ги добија во повеќе турнуси како поддршка за исплата на плати од антикризните пакети мерки, а кои не ги исполниле условите добиените пари да се претворат во грант според законот, со детален опис како УЈП го спроведува и администрира целиот процес.

Вицепремиерот Битиќи, министерот Бесими, претставниците н државните институции и стопанските комори и на оваа седница заклучија дека комуникацијата помеѓу јавниот и приватниот сектор е на особено високо ниво и дека овој отворен дијалог треба да продолжи со иста динамика за унапредување на условите за водење на бизнис, а со тоа и овозможување на побрз и одржлив економски раст и развој.

Во владата присуствуваа и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, директорот на Бирото за јавни набавки, Борче Хаџиев, државната секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ и претседателите и извршните директори на стопанските комори, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог (Стопанска комора на Северна Македонија, Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на Северозападна Македонија и МАСИТ).