ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска ја поднесе предлог – резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите кои што се наметнуваат.

– Оваа предлог-резолуција во онаа форма во која што веќе беше споделена со сите пратеници е предложена со цел да помине со најширок можен консензус. Цениме дека оваа Предлог-резолуција ќе ги зајакне и македонските дипломатски позиции, но исто така ќе влијае и како фактор на сплотување наместо поларизација внатре во македонското општество. Тоа што би сакал денес да го порачам и апелирам, согласно Деловникот секој пратеник има право да се придружи со свој потпис на ваква Предлог-резолуција од моментот кога таа е предложена – изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Тој ги повикува пратениците на СДСМ, ЛДП, Левица, Алијанса, ДОМ, Демократски сојуз и сите други пратеници, уште од денес да го стават својот потпис и да се придружат на оваа Предлог-резолуција, за утврдување на македонските државни позиции за евроинтеграции, за, како што рече, да не се дозволи блокадите и националните понижувања да станат предмет на преговори и „виткање на кичма“ во некој следен период.

– Се надевам дека пратениците и партиите кои што декларативно истакнаа дека ќе ја поддржат Предлог-резолуцијата таква каква што е, од денес па во следните неколку дена истата ќе ја потпишат и очекуваме претседателот на Собранието Џафери, во најскоро можно време истата да ја стави на пленарна седница за да можеме да се изјасниме, очекувајќи дека ќе имаме широк политички консензус – порача Милошоски.