Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, придружуван од Тања Каракамишева, после едне час присуство ја напуштија лидерската средба, која се одржува во Клубот на пратениците. 

Во изјавата за медиумите рече дека за нив не бил јасен концептот зошто сите претставници на сите парламетнарни партии не се присутни и, како што кажа, изразил сериозен револт поради тоа.

Мицкоски исто така рече дека го повикал премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во најскоро време, а најдоцна до понеделник, да организира лидерска средба во форма како што претходно се одржувала, со присуство на лидерите на четирите најголеми партии на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците.

ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, останува на истите ставови како и досега.

– Исто така како ВМРО-ДПМНЕ изразивме сериозен револт и несогласување и негодување на девијантното однесување од страна на владините претставници и владејачкото мнозинство во текот на вечрашниот ден кога на еден начин неделовнички којшто досега не беше пракса во политичкиот живот во Република Македонија се утврди потребата од промена на Изборниот законик без поддршка на најголемата опозициска партија, а се со цел да се намали потребниот број пратеници кога се усвојува составот на ДИК од 80 на 61, рече Мицкоски, додавајќи дека тие како ВМРО-ДПМНЕ изразиле револт и ги кажале причините поради кои го напуштаат овој состанок на парламентарните политички партии.

Средбата на лидерите на парламентарните партии кои имаат повеќе од еден пратеник и по напуштањето од страна на Мицкоски продолжува во Клубот на пратениците.

На средбата присуствува премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со Радмила Шекеринска, Христијан Мицкоски и Тања Каракамишева од ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ, Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од  ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП.

Како што соопштија вчера од Владата, лидерската средба беше свикана во ваков состав (лидерите на сите парламентарни партиии со повеќе од еден пратеник) заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци.