Граѓаните и членовите на ВМРО-ДПМНЕ денеска го реализираа вториот протест против поскапувањето на струјата со блокади на улицата пред Регулаторната комисија, како и булеварот „Климент Охридски“ кој води до центарот на градот.

Партиските членови на протестот дојдоа со автомобили, на кои наместо таблички имаше транспаренти – „Живот на вересија“, „Заев апаш, тендери лапа“, „Доле влада“ и слично.

На овој начин го искажаа револтот, како што порачаа од немањето на слух од власта, да го слушне граѓанското барање за враќање на старата цена на струјата.

На овој протест порачаа дека покрај враќањето на старата цена на електричната енергија бараат оставка од сите членови на Регулаторната комисија, бидејќи како што велат, не се независни туку партиски кадри.

– Бараме под итно да си поднесат оставки, овие послушници на власта и да се донесат професионални и независни кадри кои ќе одлучуваат непристрасно и во согласно со барањата на народот. Нашата битка продолжува, остануваме на улица, затоа што власта очигледно нема слух за граѓанскиот глас. Ќе се бориме со сите демократски алатки кои што ни стојат на располагање, како и преку институциите, но очигледно Собранието нема капацитет да се собере, каде што можеме да го креме нашиот глас. Затоа продолжуваме од улица. Ги повикуваме и останатите истомисленици, синдикати и обесправени граѓани – порача пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека продолжуваат со серијата на протести за што ќе информираат дополнително.