Фото: Маја Јаневска-Илиева

Саша Богдановиќ вчера беше во кафеана, го служеа келнери, додека сите останати се под клуч и полициски час, обвини денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Според Стојаноски, градоначалникот на Центар бил снимен како седи во кафеана во оваа скопска општина.

– Како што можевме да видиме од сликите и видеата кои што беа прикажани на социјалните мрежи, навистина сметам дека нема апсолутно ништо и никаков протокол, никаков акт што би го заштитил градоначалникот на Центар да не поднесе оставка и да не понесе одговорност за овој настан – рече претставникот на опозициската партија и обвини дека станува збор за брутално газење на законите.

На ваквите обвинувања веднаш реагираше Богдановиќ кој вели дека објавените снимки се од негов работен ангажман во врска со кошаркарскиот клуб Работнички.

– Во текот на вчерашниот ден, сместував гости во хотел дојдени од Белград и кошаркарот на КК Работнички, кој е најновото засилување во нашиот клуб – објаснува Богдановиќ.

Градоначалникот ги отфрла и демантира информациите дека станува збор за самоволно седење во кафеани за време на полициски час.

– За сето сместување и престој поседувам документација и сведоци. За да се расчисти целиот случај и да се докаже вистината, сите аргументи ги доставив до надлежните органи – посочи Богдановиќ.