ВМРО-ДПМНЕ утре во 11.30 часот ќе протестира пред Министерството за здравство. Од партијата најавија дека на протестот ќе побараат оставка на министерот Венко Филипче.

– Филипче и Заев се одговорни за 4.357 жртви од корона. Додека целиот свет беше во потрага по вакцини, Заев и Филипче беа во потрага по провизии за кинески вакцини. Денес овие луѓе што умираат немаше да починат, доколку Заев и Филипче не возеа мотори туку обезбедеа вакцини – се вели во најавата за протестот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ако власта го подготвела здравствениот систем по појавата на коронавирусот ситуацијата ќе била поинаква.


МЗ: ВМРО-ДПМНЕ одбира да прави партиски собири во време на полициски час

Во време на полициски час и затворени објекти, како би спречиле вирусот ковид-19, да се шири, ВМРО-ДПМНЕ одбира да прави партиски собири и да ги крши мерките по којзнае кој пат, велат од Министерството за здравство (МЗ) за протестот што ВМРО-ДПМНЕ го најави за утре.

– Грижата кон граѓаните погодени од ковид кризата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ја покажа и докажа синоќа во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ одбира да биде на страната на манипулациите, лагата, смислени сценарија за наводни криминали провизии. Министерството за здравство жали што опозициската партија одбива да искористи ефикасен и конструктивен демократски механизам туку единствено што прави ја опструира работата на здравствените работници кои се на правата борбена линија на ковид пандемијата – се наведува во соопштението од министерството.