Македонија веќе 2 и пол години е без највисок воен претставник во седиштето на НАТО во Брисел. Причината за тоа е што кандидатот што Шекеринска го предложи и Пендаровски го прифати, НАТО го одби. Ова го истакна на прес-конференција, Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој тврди дека деновиве, поради безбедносни причини, НАТО ни вратила уште едно лице кое било испратено и работело веќе една година во Брисел.

– Шекеринска и Пендаровски испраќаат лица за претставници во НАТО, кои не ги поминуваат нивните филтри. Ова е меѓународен и дипломатски скандал и со него се нанесува штета на угледот на државата – рече Ковачки.

ВМРО-ДПМНЕ јавно ги повика министерката Шекеринска и претседателот Стево Пендаровски да кажат дали се испочитувани процедурите за избор и упатување на лица на мисии во странство, а доколку тоа не е така, да се произнесат кој и зошто ги прекршил процедурите.

Ковачки додаде и дека Шекеринска и Пендаровски мора да понесат одговорност за овој огромен скандал што не компромитира како земја.