Невладините организации од „Македонија блокира“, кои се против промена на Уставот и бараат распуштање на Собранието и распишување избори, на 1 декември ќе организираат протест пред Собранието на Република Македонија, во исто време за кога е закажана собраниската седница за нацрт-амандманите на Уставот.

– Во ист ден, во исто време, во Собранието пратениците ќе гласаат за нацрт-уставните амандмани, а надвор пред Собранието ќе биде народот да ја брани македонската држава. Влегуваме во финална битка за одбрана на македонската држава и македонскиот народ. Антимакедонските политики го допреа врвот, или ќе дозволиме марионетската власт во Скопје да избрише сè што е македонско или Македонија ќе победи за да останеме свои на своето. Целта на сенародниот протест е со еден услов, а тоа е распуштање на Собранието и избори без Зоран Заев како премиер – соопшти „Македонија блокира“.

Протест за оваа недела најавија и од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, и тоа в среда, на 28 ноември.

– Оваа криминална влада на СДСМ ги стави под контрола сите државни институции и секојдневно ги користи за остварување свои лични политички цели. Навршува една година од приведувањето невини патриоти и родољуби, кои на 27 април се најдоа во Собранието на Република Македонија од патриотски побуди. Овие луѓе имаат единствен грев, а тоа е што си ја сакаат државата. По тој повод, ВМРО-ДПМНЕ излегува на улица на 28 ноември, среда, на точно една година од почнувањето на најмонструозниот конструиран процес во историјата на Република Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Опозицијата нуди само деструкција

Претставниците, пак, на СДСМ за најавените блокади од опозиционерите посочуваат дека „антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не може да излезат од матрицата на деструктивноста, последна форма на одбраната на криминалот на Груевски“.
Во својата реакција за најавените протести од опозициската партија, од СДСМ велат дека најавите на ВМРО-ДПМНЕ се последна форма за одбрана на криминалот на Никола Груевски, менторот на Мицкоски.
– Пионот Мицкоски нема што да им понуди на граѓаните, нема идеја, нема програма, ниту план. Наместо тоа, нуди само деструкција, тензии и блокади.
Црнилата беа и остануваат симбол на криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. По 11 години криминал, корупција, заробена држава, изолација и неизвесност, граѓаните ја поразија погубната матрица на Груевски. Македонија за нешто повеќе од една година е рамноправен партнер на демократскиот свет, држава во која институциите работат единствено за граѓаните – велат од СДСМ.