За 23 Октомври, кој во земјата се празнува како Ден на македонската револуционерна борба, кога е формирана Македонската револуционерна организација, ВМРО-ДПМНЕ најавува протест со автомобили против, како што се вели, мафијата на власт, а за правдата и слободата.

Како што најавуваат од партијата, протестот ќе почне во 12 часот, од две собирни точки во Скопје – СЦ „Борис Трајковски“ – општина Карпош и СЦ „Јане Сандански“ – општина Аеродром, по што ќе финишира пред Собранието, каде што ќе се обрати партискиот лидер, Христијан Мицкоски.

По говорот, протестот со автомобили ќе продолжи од Скопје до Штип преку автопатот Гоце Делчев, а во Штип ќе заврши пред Учителската школа, каде што своевремено учителствувале Гоце Делчев и Дамјан Груев.

– 127 години ВМРО, 30 години ВМРО-ДПМНЕ. Денот кога почнува организираниот бунт против тиранијата, мигот кога почнува борбата за слобода, правда и своја држава. Денес ја имаме државата, но ја немаме слободата што ја сакаме, ја немаме правдата што ни е потребна, се бориме за националното чувство што ни го негираат – се наведува во партиското соопштение преку кое се повикуваат граѓаните масовно да се приклучат на протестот.