Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера на прес-конференција излезе со нов предлог кон власта, а тоа е премиерот Заев јавно да се откаже од договорот со Грција, потоа да се оди на избори, а по изборите да се формира ново јавно обвинителство, кое ќе го замени СЈО и ќе ги доистражи прислушуваните разговори и сомнежите за криминал на оваа влада.

– Решението што го постигнаа е катастрофално. Сега само може да се констатира дека договорот е мртов. Договори договор без консензус ветувајќи дека ќе исполни нешто што не може да исполни, манипулирајќи ја и меѓународната заедница дека овој договор може да помине. И покрај притисоците, уцените, полнењето кутии, власта не успеа да ги изманипулира граѓаните, кои покажаа одговорност кон својата земја.

Власта е целосно делегитимирана, Заев веќе нема легитимитет и кредибилитет, неуспешниот референдум е и одговор дека криминалите не смеат да продолжат. Народот испрати порака дека Заев повеќе не може да биде премиер и треба да се повлече – изјави Мицковски. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека нова криза ќе ја доуништи и така кревката економија, а со овие луѓе на власт состојбата ќе биде само полоша.

– Затоа и има две опции: избори, за кои мора да има пржинска влада каква што Заев имаше пред изборите 2016 година и јавен обвинител по предлог од опозицијата, како и анкетна комисија. Власта лажно ме обвинува дека сум барал некаква општа амнестија и сака да ме девалвира мене лично и измислуваат дека намерно сме го кочеле политизираното СЈО. Влегов во политиката да му служам на народот и поради тоа да создавам за народот, но и да се борам против криминалот. Ниту сум условувал, сите пратеници имаат должност да ја следат волјата на граѓаните – рече Мицковски. Втората опција како што појасни Мицковски е Заев веднаш да се откаже од договорот, па потоа на избори.

– ВМРО-ДПМНЕ по изборите ќе поддржи нова обвинителство, веднаш по завршувањето на СЈО, овојпат јавен обвинител со консензус, кој вистински ќе се бори против криминалот, но и да ги доиспита прислушуваните материјали, како и криминалите на оваа влада. Стојам овде и велам ајде да ставиме крај на криминалот и вистински да се бориме против него и да ставиме крај на сомнежите за криминал. Еве шанса оваа влада да докаже дека вистински е против криминалот – рече Мицкоски.