На денешната прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на можни коалицирања за локалните избори истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да преговара за коалиција со сите партии кои се против коалицијата на власт.

– Ставот на ВМРО-ДПМНЕ го имам јас соопштено неколку пати во минатото и ќе го повторам. Сите оние политички субјекти кои што ценат дека владата, власта во случајот предводена од СДСМ и ДУИ како мнозински партии, водат погрешни политики и водат политики кои што се на штета на мнозинството граѓани, на штета на државата, сите тие политички субјекти кои што ги споделуваат овие чувства, мислење, тврдење се добредојдени во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ е подготвена со сите тие да разговара и да преговара за коалиција уште пред одржување на првиот круг на локалните избори. Тоа ги вклучува тука и партиите на Албанците, Турците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите, Египќаните, македонските политички партии сите се добредојдени. Секој оној кој што има чесна намера и секој оној кој што мисли дека оваа власт ја води Македонија во пропаст е добредојден – нагласи Мицкоски.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има принципиелен став дека препораките на ОБСЕ/ОДИХР треба да бидат дел од Изборниот законик и тука како што рече не постои дилема.

– Што се однесува до процентот утврден во Предлог изборниот законик, а кој го регулира бројот на потписи за независни листи, кои треба да се соберат изнесува 2 проценти според Предлогот. Но, ние изразузавме целосно разбирање со помалите партии. И за ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо она решение кое власта заедно со нивните коалициски партнери ќе го договори – изјави Мицкоски, во однос на бројот на потписи за независни листи.


Мини-шенген не е алтернатива за ЕУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на мини-шенгенот истакна дека алтернатива за Македонија покрај полноправно членство во Европската Унија не постои.

– Секоја регионална иницијатива е добредојдена но тоа не смее да биде алтернатива. Македонија треба веднаш оваа година, да ги отпочне преговорите со ЕУ бидејќи тоа го заслужуваме повеќе од би рекол десет години, со исполнети критериуми, но за жал поради разно разни артефицијални, вештачки препреки ние до овој момент не сме отпочнале преговори. Ние треба веднаш да ги отпочнеме како држава преговорите и тоа треба Европската Унија да го испорача уште оваа година следна таква можност е самитот кој што ќе се одржи во декември месец. Така што тука би го заклучил мојот одговор, алтернатива за Европската Унија нема – истакна Мицкоски.