Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека денешните избори во СДСМ се севернокорејска демократија, бидејќи актуелниот претседател на партијата и премиер, Зоран Заев е единствениот кандидат.

Пред Владата тие поставија постер на кој го прикажуваат Заев седнат во фотелја и облечен како севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун.

– Со денешните избори во СДСМ севернокорејската демократија се повеќе и повеќе продира во Македонија. Кој сака, нека честита – вели Валентин Манасиевски ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, состојбата наликува на комунизмот и тоталитаризмот, а СДСМ која се нарекува демократска одржува избори на кои се гласа за само еден кандидат.

Манасиевски вели дека онака како што СДСМ ја гледа демократијата во својата партија, така ја гледа и во државата. Затоа не ја води Македонија кон ЕУ, туку ја води кон Северна Кореја.

– На гласачите кои на ливчето имаат да бираат меѓу Зоран и помеѓу Заев им честитаме за поддршката на севернокорејската диктатура и режимот кој веќе не е ниту хибриден – рече Манасиевски.