Опозициската ВМРО-ДПМНЕ порача дека во 2020 не смеат да се повторат грешките од минатата.

– Мора да се стави крај на оваа криминалнo рекетарска банда не чело со аболицираниот криминалец Заев. Мора да се стави крај на поразите и срамот кој што Заев им го испорача на граѓаните во 2019-та година. Во 2020 не смее да се повтори криминалот и корупцијата, расипништвото и неработата на оваа банда која за три години ја клекна на колена Република Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оние 500 илјади граѓани кои живеат во сиромаштија, додава опозицијата, и беа заборавени од власта ќе го испратат Заев во политичка пензија. Сите оние кои овие 3 години беа ограбувани, угнетувани и понижувани од оваа власт ќе кажат доста е, бидејќи сакаат подобра иднина за нивната земја.

– Доаѓа времето за обнова на Македонија, време на суштински реформи и успешна и просперитетна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ има план и знае како нашата држава да ја стави на брзата трака за членство во Европската Унија. ВМРО-ДПМНЕ може и знае како нашата држава да ја доближи до европскиот стандард и западните традиционални вредности. Граѓаните на 12 април ќе изберат мерит систем наместо непотизмот. Ќе изберат успех на државата наместо порази на секој чекор. Ќе изберат силна економија и дигитално општество кое ќе го замени расипништвото кое го донесе Заев. Доаѓа време на обнова на Република Македонија – наведе ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.