Фото: Маја Јаневска-Илиева

Европската Унија (ЕУ) ќе го загуби влијанието на Западен Балкан, во однос на ривалите како што се Кина и Русија, доколку не го поддржи „убедливиот случај“ за почнување на преговорите за членство со Северна Македонија, изјави македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, во интервју за „Фајненшл тајмс“.

Постојат сомнежи во однос на тоа дали земјите, како на пример, Франција, Германија и Холандија би ги поддржале напорите на Македонија за членство во ЕУ на состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата следниот месец. Но, повеќемина европски дипломати приватно истакнуваат оти балканската држава ги исполнува обврските, вклучувајќи ја и промената на името за ставање крај на спорот со Грција.

– Кога има добар пример, тој треба да биде признаен и награден. Ако ова не се случи, тогаш моќта на ЕУ ослабува. Ако ЕУ не може да направи разлика на Балканот, тогаш тешко е да се замисли како ќе направи разлика на друго место – посочува Димитров, додавајќи дека Балканот се претворил во „сцена за геополитичко натпреварување“.

Министерот за надворешни работи предупреди дека одбивањето од ЕУ ќе го наруши кредибилитетот на владата во Скопје. Тој смета дека „тоа би било обесхрабрувачки за оние што се обидуваат да решат други битни билатерални спорови“ во регионот оптоварен со несогласувања уште од распадот на СФР Југославија.